Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) оваа недела спроведоа 373 контроли кај оператори што се претставуваат како објекти за производство и продажба на „здрава храна“. При акцијата биле откриени и уништени 1.010 килограми небезбедни производи.
Контролите покажале дека 14 оператори воопшто не биле регистрирани во Агенцијата како оператори со храна. За утврдените неправилности издадени се 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни во износ од 20.550 евра.
Кај девет објекти биле констатирани лоши хигиенски и технички услови, кај седум е пронајдена храна со истечен рок, а кај двајца оператори производи со непознато потекло.
Дополнително, кај 18 оператори храната била несоодветно означена, а кај 23 вработените немале спроведено задолжителни здравствени прегледи. Двајца оператори не воспоставиле процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса или не воделе потребни записи, а кај уште двајца не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

































