Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на унгарскиот министер за регионален развој и јавна администрација, Тибор Наврачич, реализираше еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји.
Во центарот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршката за вклучување на Македонија во нови европски иницијативи. Од Министерството за локална самоуправа посочуваат дека соработката со Унгарија е значајна за унапредување на регионалниот развој, јакнење на институционалните капацитети и подобрување на пристапот до европските фондови.
Во рамки на посетата, Перински присуствуваше и на отворањето на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што се обрати и унгарскиот министер за култура и иновации. Центарот е формиран како дел од програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да поттикне културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Остатокот од агендата беше посветен на посети на повеќе локации во округот Веспрем, при што беа разменети искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени предизвици. Разговорите опфатија и мерки за зголемување на атрактивноста на регионите, како и политики за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и поефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.
Посетата, како што се оценува, претставува уште еден чекор кон зајакнување на партнерството меѓу Македонија и Унгарија и продлабочување на соработката во области од заеднички интерес.

































