Вицепремиерот Беким Сали уверува дека со новата систематизација на Министерството за внатрешни работи нема да се доведе во прашање безбедноста во Дебар ниту, пак, ќе има негативни последици за граѓаните.
Одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Арбана Пашоли од ДУИ, тој посочи дека промените во организацијата на полицијата ќе придонесат за поголема ефикасност во работењето во Дебар и околните места, пренесува МИА.
-Систематизацијата се прави врз основа на потребите и технологијата која е унапредена, односно потребните броеви за креирање внатрешни политики во МВР. Знаеме дека Дебар не го покрива само градот, туку и други општини кои се во близина и е во близина на граничен премин. Да бидете убедени вие и граѓаните, кои што живеат во тие населени места дека нема да дозволиме да има загрозување на безбедноста и нормално функционирање и извршување на должностите кои ги има МВР, бидејќи безбедноста на граѓаните е обврска на државата – рече Сали.
Тој потенцираше дека нема простор за политичка параноја, нагласувајќи дека систематизацијата во полицијата не била изменета во изминатите 15 години.
-Чекаме да им одговориме на потребите на граѓаните, бидејќи променети се многу работи во нашата држава, како образование, здравство и други сектори за кои треба да бидеме рационални и функционални. Имаме ефикасност на терен, а не треба да се базираме на лични интереси, додаде Сали.
































