Фото/Илустрација: Пиксабеј

Мировните разговори меѓу Украина и Русија, што се одржуваа во Женева со посредство на САД, беа неочекувано завршени по само два часа, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека свесно ги одолговлекува преговорите, пренесе МИА.

Средбата на делегациите завршила околу 10.45 часот по средноевропско време и нема да продолжи во текот на денот, пренесува руски медиум повикувајќи се на свој извор. По завршувањето на разговорите, руската делегација го напушти хотелот во Женева каде што се одвиваа преговорите меѓу двете страни со посредство на САД.

Според истиот извор, вториот ден од разговорите бил одржан зад затворени врати. Портпаролот на украинскиот преговарачки тим соопштил дека средбата траела околу два часа, јавуваат агенциите.

Зголемени безбедносни мерки беа забележани во хотелот „Президент Вилсон“ во Женева, каде што се сместени членовите на руската делегација за време на разговорите меѓу Русија, САД и Украина. На влезот во објектот беа распоредени припадници на полицијата и дополнително обезбедување.

Руската делегација ја предводеше помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински. Американската страна беше претставена од специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и од неговиот зет Џаред Кушнер. Украинската делегација ја предводеше шефот на кабинетот на претседателот, Кирил Буданов.