Рецензија

  • Кон претставата „Глембаеви“, по драмскиот текст на Мирослав Крлежа, во режија на Ивица Буљан, а во продукција на НТ „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија. Главни улоги: Пламен Димов, Теодора Духовникова, Дарин Ангелов, Дејан Донков, Ана Пападопулу

Во гигантскиот опус на Мирослав Крлежа, кој подразбира антологиски дела во сите книжевни жанрови, трилогијата „Глембаеви“ зазема посебно место. Драмите за истоштената и финансиски дисторзираната, констернирано изместена благородничка генеалогија на Глембаеви во времето кога Хрватска има неблагодарно вазалска позиција кон Унгарија, говорат за една суштински исцизелирана семејна братија на злото на кое Крлежа предупредува во многу други свои капитални дела. Централната драма од оваа трилогија, конечно пиесата по која овој голем хрватски и европски автор е препознатлив во светот на книжевноста и театарот, е „Господа Глембаеви“, пиеса што говори за замирањето на семејството чиј финансиски и општествен амбис е еден од повеќето во тоа време на масовна корупција, банкарски и социјален колапс. Крлежа меѓу целото тоа гнездо на незаситни банкари, претприемачи, лекари и адвокати-паразити вовлекува две морално амблематски фигури: сликар (можеби бонвиван) и опатица, Леоне и Анжелика. И тие се Глембаеви, но личности што кореспондираат со малиот зрак на совест во мракот на ова квазиблагородничко семејно гнездо. Тоа е политички и општествен крст врз чија аналитика се распнува таа одамна изгубена логика на постоењето на семејствата што по својата морална и етичка апатија повремено личат на провидните италијански мафијашки картели.
Ивица Буљан врз оваа интригантска и трагична сторија гради концепт што својата вертикала ја спушта во интимните преживувања на сè што значи прељуба, кражба, измама и политикантство. Неговиот Леоне, кој е овде млад сликар, и страсно незаситната бароница Глембај се два света, каде што меланхолијата е единствениот пат кон себеспознавањето во време кое, како што намекнува овој концепт, се повторува циклично со сè позасилена технолошка совршеност. Семејната констелација во ова видување на Ивица Буљан е инцестуозно-финансиско-политичка братија чии измами и корупции се обидуваат да формираат нова „правдољубивост“, која можеби низ салонските реторики станува и погубна идеологија, слична на фашизмот. Низ десетиците редови празни столови, зад светликавата завеса на чиј врв „гордо“ стои амблемот на Глембаеви се раскажува таа приказна за падот, за епохалниот пад на еден модел на изгубено благородништво за кое Крлежа во многу наврати и во многу свои дела зборува како за празно и генеалошки недоследно. Ивица Буљан во оваа претстава ги отвора емотивните понори на Глембаеви, кои се растегнуваат како смеса од лаги и недоследности од уметничката инспирираност на навидум индолентниот Леоне, па до аскетската примиреност на младата, богоугодна Анжелика. Како особено мудар режисер, Буљан низ тие емотивни пасажи ги истакнува сите биографски секојдневија на актерите на една општествена пропаст, која станува универзална. Тој укажува на она што Ашенбах го кажува во „Проклетите“ на Лукино Висконти: „Мора да сфатиш дека денес во Германија може да се случи сè, дури и неверојатното, и тоа е само почеток, Фредерик. Личниот морал е мртов. Ние сме елитно општество каде што сè е дозволено.“ И токму таа дозвола да се владее со сè околу себе станува социјален бумеранг, кој го најавува кутрата Цањегова фрлајќи се од прозорецот на својот изнајмен стан без скршена пара во џебот.

Низ оваа режисерска константа, сцените навлегуваат во нашиот духовен корпус како истории што најавуваат ново време на бесчувствителност и неконтролираност, време што најавува дури и интимно исчезнување на личноста пред политичкиот апсурд да стане глобален. Ивица Буљан низ ова режисерско видување повлекува линија преку која можат да преминат само најхрабрите затоа што, како што Зилбербрант пее по својата трауматска сцена со Игњат Глембај: „Сè се враќа и сè се плаќа…“
Еден од најдрагоцените сегменти во претставата е актерскиот, со силна моќ и извонредна импактност. Пламен Димов низ својот фуриозно реторичен, но и крајно емотивен Леоне создава лик на млад сликар, уметник што својот артистичен гнев успева да го метаболизира преку згрозеноста од семејниот галиматијас. Во оваа верзија на „Глембаеви“ Леоне е далеку помлад од другите инсценирања на оваа пиеса на Крлежа и тоа импонира најмногу поради сјајната актерска енергија на Пламен Димов, неговата извонредна елоквентност и големата органичност при градењето на овој особено комплициран лик. Неговата моќ да ги трансформира валерите на овој лик е од антологиски карактер, тој својот Леоне го поставува како катализатор на целата семејна т.н. благородничка кафилерија полна со лакомост и бесчувствителност. На другата страна е бароницата Кастели Глембај на Теодора Духовникова, актерка што со својата креација нè убеди дека „кутрата“ Даниелиева Кастелица е само беден ловец на богати индустријалци. Нејзината бароница многу малку кореспондира со етикецијата, но многу со страсноста и горчината, која оваа извонредна актерка успева да ја балансира и да создаде лик исткаен од другата страна на постраданата дама, која низ нејзините докрај емотивни исповеди го открива својот беден живот на плочниците под дождот од навреди и понижувања. Нејзината пластика и докрај прецизираната емотивна партитура извираат од талентот на оваа фантастична актерка. Наспроти овие два лика, тука е и Зилбербрант на Дарин Ангелов, шармантен свештеник што успеал да се вклопи во целата таа глембаевска матрица страсно вовлечен во чаршафите на бароницата, но и прагматично спротивставен на Леоне, од чиј поглед секако дека не може да се ослободи. Дарин Ангелов понира длабоко во овој лик градејќи амбивалентна личност, која својот промискуитет сепак не може да го скрие. Транспарентен и актерски брилијантен, Дарин Ангелов е можеби најсовремениот лик во претставата, најблискиот и најопипливиот кога станува збор за неодвоеноста на сите собитија од денешната грешност и илузорност. Тивко, но демонски продорно во таа квазиблагородничка матрица се провлекува и Игњат Глембај на Дејан Донков, многу едноставен, големиот татко што своето резонерство не му го дава никому, освен на својот Леоне, за кого се чини дека постојано се прашува што бара во куќата токму во моментот кога траумата го достигнува својот врв. Неговиот Игњат е здржано емотивен, но со голема елеганција и тежина на своето животно искуство.

Можеби Леоне на Дејан Донков ја носи и целата едноставност во ова мошне интересно видување на Глембаеви. Фаталноста на овој лик Дејан Донков ја исцртува многу впечатливо, оставајќи импресија на човек што сепак си го знае крајот и така и се случува: потонува во купот столови што го градат другите ликови од претставата.
Како исклучително интересен лик се наметнува и Константин Станчев, кој својот Пуба го одигрува во голема констернација и со динамика што одушевува. Градејќи го ликот на измамникот адвокат, кој веднаш ја напушта куќата кога сфаќа дека Глембаеви финансиски пропаднале, Станчев навлегува во најчувствителниот свет на ова семејство, а тоа е правната гама.
Во другите ликови со исто така значителна енергија се појавуваат и: Ана Пападопулу како Анжелика Глембај, Веселин Мезеклиев како Фабрици Глембај, Александар Конев како д-р Алтман, Александар Тонев како Оливер Глембај и Иван Николов како Фон Балочански.
Визуелниот сегмент на ова видување на Глембаеви е мудро симплифициран, т.е. сценографијата на Александар Дениќ со себе го носи мракот на историските салони на богатите семејства, каде што столовите се главната ентериерна бура, симболистички маневар што навистина импресионира и одлично се надополнува со костимите на Ана Савиќ Гецан, кои имплицираат денешно време без салонски костими и тоалети, една речиси црно-бела кожена поставеност на модели што особено потсетуваат на ововременско семејство чија пропаст е неминовна, а со тоа и нивниот аутфит. На врвот на особено консеквентната визуелна поставеност на претставата е и музичката илустрација на Митја Врховник Смрекар, која со својата амбивалентна динамика е доследна на современото читање на Крлежа, моќна и неприкосновена, но партитура што со својата острина и самата станува лик во претставата.
Леоне во еден миг вели: „И така, тоа е мојата внатрешна контрадикција: наместо да бидам математичар, јас сликам. Со овој раскол во мене, што повеќе може да постигне човек од дилетантизам?“ Помислувајќи на пребродувањето на измамите и недоследностите, лакомоста и суицидноста во времето кога Хрватска е речиси незабележлива во рамките на унгарската монархија, Крлежа укажува токму на базичната игнорантност во светската политичка мапа, на социјалните дна што зјапаат од дефокусирањето на финансиите, но најмногу на внатрешната измама, која се чини дека е јадрото на ова особено мудро видување на Ивица Буљан на ова капитално дело.

Сашо Огненовски