Св.Трифун низ делата на ликовните уметници од Балканот

„Боите на Св.Трифун – низ делата на ликовните уметници од Балканот“ е насловена групната изложба што беше отворена во Музеј-галеријата во Кавадарци по повод празникот Св. Трифун. Изложбата обединува дела од 35 уметници, претставувајќи репрезентативен пресек на современи ликовни изрази и авторски сензибилитети. Иако иницирана од празничниот контекст, поставката не е тематски дефинирана, туку функционира како отворена платформа за слободен уметнички израз. Секој уметник учествува со дело по сопствен избор, афирмирајќи ги својата уникатна поетика, автономен визуелен јазик и индивидуален творечки пристап. Токму таа слобода на избор овозможува изложбата да се развие како простор на различности, каде што индивидуалните авторски позиции коегзистираат во заедничка галериска целина.
Во изложените дела се забележува изразита ликовна разноликост. Некои од авторите се задржуваат на фигуративниот израз, третирајќи ги човечката форма, телесноста и внатрешната психолошка состојба со нагласена експресивност. Други пристапуваат асоцијативно и симболички, преку органски структури, архетипски и животински мотиви, отворајќи слоевити значења поврзани со животниот импулс и енергијата на постоењето. Паралелно, присутна е и силна апстрактна линија – гестуална, колористички интензивна и ритмички динамична, во која бојата и потегот функционираат како примарни носители на емоција и движење. Геометризираните композиции внесуваат чувство на ред, јасна организација и визуелна стабилност, воспоставувајќи рамнотежа во однос на експресивниот израз.
Изложбата воспоставува ненаметлив дијалог со празникот Св. Трифун – како момент на средба, заедништво и обновување. Традицијата овде не е директно интерпретирана, туку постои како културен контекст што ја обединува различноста без дa ја ограничува индивидуалноста. Така, изложбата се заокружува како достоинствен визуелен настан, во кој слободата на авторскиот избор и богатството на различни поетики се издигнуваат во заедничко сведоштво за виталноста и континуитетот на современата уметност.

Св.Трифун е значаен дел од нематеријалното културно наследство

Празникот Свети Трифун претставува значаен дел од нематеријалното културно наследство, како сведок за вековната врска меѓу човекот, лозата и виното како симболи на живот и труд. Тој се смета за заштитник на лозјата, виното и земјоделците, а празникот го означува почетокот на новиот лозарски циклус.
– Во Тиквешијата овој празник се празнувал од многу одамна, а лозарите му посветуваат големо внимание на заштитникот на виновата лоза. За нив 14 Февруари е посебен ден, кога лозарите уште во раните утрински часови оделе на своите лозови површини и со закројувањето на неколку лози, кои притоа ги полеваат со вино, се обраќале кон Бога со зборовите: „Господе! Ти давам едно шише, за илјада да ни подариш“ – вели кустос етнологот Ангела Симонова.
Лозарите се надеваат дека Св.Трифун ќе ги чуе нивните молитви и ќе ги заштити лозјата од болести, со желба за плодна година и богат род. Овој чин се смета за магиски обред со заштитна и плодородна функција, чија цел е да обезбеди бериќетна година. Тоа трае и до ден-денес како манифестација на закројување на лозовите насади, традиција што има длабоки корени и која се одржала во својата изворна форма меѓу населението и, секако, на секој лозар во Тиквешијата.

– Виното и грозјето низ вековите не само што имале големо економско значење за животот и егзистенцијата на населението од овој крај туку тоа во голема мера се проткајало во душата, во неговото битие, во културата, верата и обичаите. Старите Латини многу често ја користеле поговорката „In vino veritas“ (во виното е вистината), многу мудра поговорка, која кажува дека виното односно кога некој ќе го консумира ја отвора душата и кажува работи што вообичаено не би ги кажал. За грозјето, виното и ракијата се испеани многу песни во народното творештво, бидејќи тоа со векови било инспирација и лек за заљубените, бекриите и скршените срца. Виното од памтивек било израз на човековата радост и инспирација на уметниците и поетите да ги создадат и своите најубави дела, но понекогаш и средство со кое ги утешувале својата тага и душевна болка – вели Симонова.

Врската меѓу традицијата на лозарството и уметничката мисла

Традиционалната изложба „Боите на Св. Трифун“ претставува значаен културен настан, кој, преку ликовното творештво, ја афирмира врската меѓу духовното наследство, вековната традиција на лозарството и современата уметничка мисла. Делата изложени во оваа поставка ја пренесуваат симболиката на Св. Трифун како заштитник на лозјата и виното, но и како инспиративен мотив што ги обединува уметниците во заеднички визуелен и културен израз.
– Оваа година изложбата се реализира по третпат во овој формат, со што се заокружува една кратка, но значајна историја на континуитет и посветеност кон одбележувањето на празникот Св. Трифун преку уметноста. Низ овие три изданија, „Боите на Св. Трифун“ постепено се етаблира како препознатлива традиција во културниот живот на Кавадарци и пошироко. Посебна симболика добива и фактот што оваа изложба се одржува во 2026 година, кога Музеј-галеријата во Кавадарци ќе одбележи значаен јубилеј — 50 години од своето постоење. Половина век континуирана грижа за културното наследство, уметноста и музејската дејност претставуваат силна основа и обврска за понатамошно негување и развој на вакви културни манифестации – вели директорот на Музеј-галеријата во Кавадарци, Јаким Зимоски.
Музеј-галеријата во Кавадарци упати посебна благодарност за нивниот несебичен придонес, со тоа што секој автор остава по едно свое дело во збирката на Музејот, со што трајно се збогатува музејскиот фонд и се создава вредно културно наследство за идните генерации.

Дијалог на форми

Оваа групна изложба не нуди единствен стилски или формален именител туку артикулира полифонија на визуелни јазици преку кои современиот уметник го испитува односот помеѓу субјектот, просторот и егзистенцијалното присуство. Различните техники, материјали и уметнички пристапи не функционираат како еклектичен збир туку како свесна структура на разлики, каде што секое дело е автономен исказ, но и дел од поширока концептуална рамка.
– Во некои дела доминираат експресивниот гест, редуцираната фигура и темната, често затворена колористична скала. Овде човечката фигура не е портретна или наративна туку станува симболичка кондензација на состојбата: отуѓеност и внатрешна напнатост. Ликот е деформиран или фрагментиран, а просторот е повеќе психолошки отколку реален. Таквиот пристап ја продолжува линијата на модерната експресионистичка традиција, но без нејзината историска патетика – тука гестот е контролиран, а драмата тивка и внатрешна. Наспроти ова, други дела ја отвораат сликата кон пејзажот како структура на боја, ритам и енергетска динамика. Хоризонтите, планинските маси и отворените простори се третирани како полиња на визуелна напнатост, каде што бојата има автономна улога – вели Трајче Цветков, историчар на уметност.
Овие слики се движат помеѓу постескпресионизмот и апстрактниот пејзаж, каде што природата е повод, а не цел. Значајно место во оваа изложба заземаат делата со фигуративно-симболичка ориентација, во кои фигурата се појавува во серија, во движење или во состојба на повторување.


– Тука времето не е линеарно туку слоевито, а фигурата се мултиплицира, се разредува или исчезнува во просторот создавајќи метафора за минливоста и колективната меморија. Тие дела можат да се читаат во контекст на метафизичкото сликарство и современиот симболизам каде што наративот е намерно отворен. Во овој поширок контекст се вклучени и скулптурните дела, изработени од дрво и метал, кои го прошируваат визуелниот јазик на изложбата во тродимензионален простор. Нивната материјалност и телесност воспоставуваат директен однос со просторот и присуството на гледачот, надополнувајќи ја сликарската проблематика со физичка и тактилна димензија. Она што ги поврзува сите овие дела, и покрај нивната стилска и техничка различност, е одбивањето на декоративноста и инсистирањето сликата да биде мисловен простор. Секое дело функционира како визуелен есеј – како поле на истражување, а не како финален одговор. Оваа изложба не претставува чиста акумулација на индивидуални поетики туку отворено поле во кое тие се сретнуваат, судираат и меѓусебно се преобликуваат. Во тој поглед, изложбата се артикулира како критичка мапа на современиот визуелен сензибилитет, која не ја стабилизира сликата на сегашноста туку ја проблематизира. Преку меѓусебните односи и тензии меѓу делата, таа го отвора прашањето за начинот на кој денес ги гледаме, читаме и разбираме визуелните форми – вели Цветков.
На изложбата се претставени делата на: Абдули Агрон, Арсова Илина, Ахмети Решат, Бејтули Невзат-Кица, Балаќ Тања, Блажевски Трајче, Василев Галазка Љупка, Велковска Ивона, Вучковиќ Немања, Дојков Илија, Дандаров Роберт, Зафировска Христина, Ивановска Ана, Јованова Хермес Цветанка, Камчев Мартин, Кашавелска Вања, Кеков Ванчо, Кешќец Давор, Коруновски Ангел, Кузманоски Павле, Мишев Игор, Младеновски Стефан, Ода Ванеса, Ордев Данчо, Пијанманов Никола, Смилков Никола, Старова Ќерими Дита, Стојадиновска Ања, Таневска Катерина, Тенев Денис, Тенева Дорина, Хусковиќ Фехим, Цветковски Роберт, Чатмов Трајче и Шулајковски Тони.