- По враќањето на Доналд Трамп, европските сојузници се соочуваат со нова реалност – повеќе одговорност, помалку гаранции
- Сепак, и покрај она што го гледаме, во врска со релацијата САД-Европа, тоа не значи дека е крај на сојузништвото, туку значи негова трансформација. Прашањето не е дали Европа ќе се приспособи на барањата на Трамп, туку колку брзо и по која цена. Во следните пет до десет години ќе стане јасно дали Европската Унија ќе успее да се консолидира како вистински стратешки играч или ќе остане зависна од волјата на Вашингтон
Со години европските држави градеа силни социјални системи и одржуваа релативно ниски воени буџети, потпирајќи се на американскиот безбедносен чадор преку НАТО. Сега, со новата администрација на Трамп, таа формула се доведува во прашање. Вашингтон отворено бара драстично зголемување на одбранбените трошоци, поголема стратешка самостојност на Европа, политичко усогласување со американските приоритети. Сега, тонот е поостар од порано, а довербата е разнишана.
Европејците се чувствуваат притиснато од повеќе страни. Војната во Украина ја врати заканата од класичен конфликт. Кина претставува економски и технолошки предизвик, а САД, традиционалниот гарант на безбедноста, стануваат непредвидлив партнер за Европа. Затоа Германија веќе најавува историски високи вложувања во одбраната, а земјите од Северна и Источна Европа агресивно ги зголемуваат воените буџети. Клучното прашање е дали сегашната структура на ЕУ може да опстане во новата геополитичка клима. Критичарите тврдат дека неолибералниот економски модел ја ограничува способноста за брзи и големи јавни инвестиции во одбраната, бидејќи во ваква форма и облик Унијата е бавна во донесување одлуки, а постојат сериозни разлики меѓу Северот и Југот околу приоритетите. Доколку Европа не најде начин да ја усогласи фискалната дисциплина со новите безбедносни потреби, ќе се соочи со внатрешни политички тензии.
Но, за издвојување е фактот што, и покрај острите изјави, САД не се повлекуваат од НАТО, но во секоја пригода Вашингтон порачува дека Европа мора да стане партнер, а не зависник. Во превод, тоа би значело повеќе европски пари за одбрана (воени буџети), поголема индустриска самостојност и се разбира, над сѐ, поголема подготвеност за политички компромиси со Вашингтон. Во спротивно, како што анализираат од Вашингтон, „европскиот модел со силна социјална наддржава направена од американски пари (заради апстинирање од заедничките вложувања на ЕУ со САД) и ограничените воени трошоци (бидејќи за тоа ЕУ се потпираше во лавовски дел на САД), може да стане финансиски и политички неодржлив“, тврди Вашингтон.
Сепак, и покрај она што го гледаме, во врска со релацијата САД-Европа, тоа не значи дека е крај на сојузништвото, туку значи негова трансформација. Прашањето не е дали Европа ќе се приспособи на барањата на Трамп, туку колку брзо и по која цена. Во следните пет до десет години ќе стане јасно дали Европската Унија ќе успее да се консолидира како вистински стратешки играч или ќе остане зависна од волјата на Вашингтон.
Текстот во рубриката „Наш став“ е инспириран од статијата објавена вчера во „Би-би-си“ под наслов „Новиот светски поредок на Трамп стана реален, а Европа мора брзо да се приспособи“ (Trump’s new world order has become real and Europe is having to adjust fast), како авторски текст на колумнистката Катја Адлер, која експлицитно укажува на длабоката промена во трансатлантските односи. Пораката од анализата е повеќе од јасна: Европа повеќе не може да смета на автоматска американска заштита без да плати политичка и финансиска цена.
































