Фото: Принтскрин/илустрација

Во тек се активности за санирање на последиците кај поплавени куќи кај селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај.

– Екипи од Бригада за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека ЈП Водовод и канализација – Скопје стабилизираат и прочистуваат канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, Дирекција за заштита и спасување ја проценува штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во тесна координација со локалните структури – информира ЦУК во објава на Фејсбук.

Оттаму наведуваат дека директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази, првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали и министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, се на терен  каде непосредно ја следат состојбата по обилните врнежи од дожд и ја координираат целокупната институционална реакција за справување со последиците од поплавите.

– Со координирано дејствување на сите институции, се преземаат интензивни мерки за најбрзо можно санирање на последиците, заштита на населението и минимизирање на материјалната штета. Надлежните служби остануваат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира – велат од ЦУК.

Како што соопшти претходно ЦУК, по обилните дождови во изминатото деноноќие, поплавени се повеќе куќи на улица „Прилепска“ во Кичево, од каде евакуирани се 180 лица,  како и дека во поплавена куќа во гостиварското село Балиндол биле заглавени две деца и нивната мајка. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево, како и поплавени куќи во гостварските населби Циглана и Бањечница и подруми и дворни места во Скопско.