Редакциска опсервација: Како Атина внимателно ја прочита енергетската и геополитичката мапа на Трамп и постапи во согласност со своите национални интереси
- Во регион како Југоисточна Европа, каде што секој симболичен потег има стратешка тежина, самата идеја дека Грција е потенцијална станица на американскиот претседател открива една поважна вистина: Атина во последните години игра долга, внимателно испланирана дипломатска партија. Очигледно е веќе дека Грција не реагира реактивно, туку силно проактивно: Атина антиципира!
Најавата за можна официјална посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Грција, искажана од американската амбасадорка во Атина, Кимберли Ан Гилфојл, можеби звучи протоколарно, но во реалноста носи многу подлабока политичка порака. Во регион како Југоисточна Европа, каде што секој симболичен потег има стратешка тежина, самата идеја дека Грција е потенцијална станица на американскиот претседател открива една поважна вистина: Атина во последните години игра долга, внимателно испланирана дипломатска партија. Очигледно е веќе дека Грција не реагира реактивно, туку силно проактивно: Атина антиципира!
Енергијата како јадро на новата грчка стратегија
По реизборот на Трамп, американската надворешна политика повторно ја постави енергијата во центарот на глобалната геополитика. Источниот Медитеран, со своите резерви на гас и со стратешката близина до Европа, повторно се најде под лупа на Вашингтон. Токму тука Грција направи потег што ја издвои од сите други регионални актери.
Додека голем дел од ЕУ се двоумеше околу американскиот течен природен гас (ЛНГ), Атина отворено се понуди како водечки дистрибутивен центар за американски ЛНГ кон Балканот и пошироко кон Европа. Тоа не беше само енергетска понуда, туку политички сигнал: Грција е подготвена да биде продолжена рака на американската енергетска стратегија на континентот.
Не случајно самата амбасадорка Гилфојл ја опиша Грција како „водечки играч во енергетската иднина на Европа“.
Наклонетоста на Трамп не доаѓа без причина
За Доналд Трамп, енергетската безбедност и американскиот извоз на ЛНГ се прашања од прв ред. Грција, за разлика од Анкара, Софија или Скопје, не влезе во оваа приказна со барања, туку со решение. Таа не чекаше да биде повикана – самата се наметна како логичен партнер.
Токму затоа, наклонетоста на Трамп и на Вашингтон кон Атина не е идеолошка, туку прагматична. Грција нуди стабилност, инфраструктура, политичка усогласеност и географска предност – комбинација што ретко се наоѓа во овој дел од Европа.
Балансирање меѓу сојузништва и ривалства
Паралелно со енергетската офанзива, Атина внимателно ја гради и својата безбедносна архитектура. Обновените односи со Израел и Кипар создадоа триаголник што сериозно ја менува рамнотежата во Источен Медитеран. Не е тајна дека оваа координација со загриженост се следи во Анкара.
Сепак, она што ја издвојува грчката дипломатија е способноста истовремено да отвора и затвора фронтови. Додека ја зајакнува соработката со Израел и со Кипар, Атина истовремено испраќа сигнал за деескалација кон Турција. Почетокот на политички дијалог и најавената средба меѓу Кирјакос Мицотакис и Реџеп Таип Ердоган покажуваат дека Грција не сака конфронтација – таа сака позиција на сила од која може да преговара.
Турција под притисок, Грција со иницијатива
Иако Анкара се обидува да го задржи притисокот преку потези како известувањата НАВТЕКС во Егејот, впечатокот е дека овој пат Грција ја држи иницијативата. Како што забележа грчкиот пратеник Ангелос Сиригос, ваквите чекори повеќе личат на обид да се саботира дијалогот, отколку на демонстрација на сила.
Дополнително, Турција се наоѓа во сложена позиција: од една страна сака да се врати во програмата Ф-35, од друга страна мора да балансира меѓу односите со САД и Русија. Грција, пак, во оваа равенка се појавува како „сигурниот партнер“ – статус што во Вашингтон има огромна тежина.
Регионално лидерство со тежина, преку „мудрост“ и лукавство
Сето ова води кон една јасна констатација: Грција успеа да се наметне како регионален лидер со конкретна политичка и енергетска понуда, а не како уште еден глас во бучниот балкански какофонски хор. Нејзиниот збор денес има поголема специфична тежина од оној на Анкара, Софија или пак на Скопје, токму затоа што е поддржан со мудра и лукава стратегија, начини на дејствување што однапред се усогласени со клучниот глобален актер – САД.
Можното доаѓање на Трамп во Атина, доколку се реализира, нема да биде само дипломатска посета. Тоа ќе биде потврда дека грчката дипломатија успеала да го прочита моментот, да ја разбере логиката на новата американска политика и да се позиционира таму каде што одлуките се претвораат во моќ.
Во геополитиката, како и во шахот, победува оној што мисли неколку потези однапред. Во овој круг, Грција очигледно ја игра таа улога. П.Р.
































