Од ракометното минато (9)
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (378)
- Клубовите на СД Вардар уште по војната беа форсирани и фаворизирани пред месниот ривал СД Работнички. Успесите на „железничарите“, иако беа постигнувани и на сојузно ниво, секогаш беа минимизирани
Малиот ракомет (овој денешниот) ја имал својата промоција во Македонија на 29 ноември 1952 година, кога на импровизираното игралиште веднаш до фудбалскиот терен на Работнички во Градскиот парк, се одржал првиот турнир во новиот спорт, кој дојде како замена на големиот ракомет. Уште во тие први моменти, гледачите биле одушевени и посакувале малиот ракомет да се развива со брзо темпо, зашто тој беше динамичен и многу возбудлив. Таа возбуда што ја носи овој спорт била причина ракометните работници, чиј предводник беше Славко Матовски, да преземат енергични чекори малиот ракомет што побрзо да допре до младината и да стане спорт на иднината.
Поаѓајќи од овој аспект бил организиран и првиот турнир во новиот спорт, одржан во чест на Денот на Републиката (поранешна Југославија). Тој се одржал на импровизираното игралиште покрај фудбалскиот терен на Работнички, во Градскиот парк. Сите биле изненадени и одушевени од оваа игра. Како што неретко се случува и овде на турнирот од промотивен карактер, малку недостигало да дојде до инцидент. Овој момент убаво го опишал и новинарот на „Спортски весник“, Борис Поп Ѓорчев, кој во опширниот извештај од турнирот напишал дека малиот ракомет, ако се создадат услови, ќе биде спорт на нашата иднина. Но во извештајот тој споменува и еден момент кога зовреле страстите, па малку требало да дојде и до инцидент. Всушност, по некој жесток дуел меѓу ракометари на Работнички и на Партизан 1, во финалниот натпревар, еден од гледачите, насобрани покрај аут-линијата до самото игралиште, влегол на теренот и почнал да се расправа со играчите на Работнички. Зошто го сторил тоа никому не му било јасно, но подоцна откако се открило оти е навивач на клубовите што беа под патронат на СД Вардар, на Поп Ѓорчев и на главниот организатор на турнирот, Славко Матовски, им станало јасно дека во прашање е љубомора. Некој ќе се праша, од каде љубомора, кога Вардар нема ракометна екипа. Токму во тоа изгледа бил проблемот, зошто Работнички да има, а СД Вардар да нема ракометна екипа? Дотаму одел тој антагонизам меѓу најпопуларните скопски спортски друштва.
ПОТЦЕНУВАЧКИ ОДНОС КОН СД РАБОТНИЧКИ
Кога постои здрава конкуренција, нормално е меѓу спортските екипи да се појави тој ривалитет. Тоа понекогаш е добро, но ако се оди порадикално и од една страна да се величаат успесите на едниот, а да се минимизираат на другиот, тоа не е во ред. Спортот бара заемна почит, зашто само така може да оди напред, кон повисоки дострели. Во контекст на ова и поради потценувачкиот однос кон Работнички, Славко Матовски во својата книга во оној дел каде што пишува за почетоците на малиот ракомет, упатува зборови на критика и кон дел од новинарите. Интересно е да го прочитате автентичниот текст, цитирам: „Денес во временска дистанца на повеќе од 40-ина години (кога ја пишувам книгата за ракометот) поради чувството на онеправданост ќе ја повторам оваа констатација. За дејноста и резултатите на СД Работнички некои спортски новинари тенденциозно пишуваа, редовно со субјективен критички пристап кон постигнувањата на неговите членови. Вредните резултати на спортските екипи и поединците, недоволно се истакнуваа, додека грешките или поразите гласно се критикуваа. Таквиот однос произлегуваше од некои средини во градот, а причина за тоа беше клупската определеност и ривалството меѓу спортските колективи на Вардар и на Работнички. Токму поради оваа клубашка поделеност и нетртпеливост настануваа конфликти и судрувања помеѓу навивачите, спортистите и спортските функционери. Клубашката настроеност повеќе одеше кон страната на Вардар, а поддршка, пофалби или признанија за резултатите, како и за пионерската улога во некој спорт и високите спортски достигнувања на членовите од спортското семејство на Работнички, од страна на некои јавни гласила се минимизираа. Едноставно се избегнуваше нивното презентирање и сѐ се премолчуваше. За жал, таков беше случајот и со Ракометниот клуб на Работнички, не само во овој пионерски период, но и подоцна, кога со своите остварувања, спаѓаше меѓу најдобрите спортски организации во Македонија, претставувајќи го македонскиот спорт во најдобро светло, како во поранешна Југославија, така и на меѓународно поле. Ќе се обидам, врз основа на сочуваната документација и вистинските факти што ќе ги презентирам, заедно со членовите на редакцијата на оваа книга, да внесеме една убаво испишана страница на спортската историја на Македонија“.
Но и покрај сите сопки и омаловажувања, СД Работнички го продолжуваше своето спортско живеење и во многу спортови неговите клубови беа меѓу водечките во републиката. Тоа, колку да сакаше некој да го негира, не беше можно, зашто резултатите „стоеја“ зад популарното друштво од култното Дебар Маало.
РЕСПЕКТАБИЛЕН И ПОЧИТУВАН КЛУБ
И покрај сето она што погоре беше изнесено, не може да се побие фактот оти во четирите години од 1948 до 1952 година, Работнички беше главниот носител на ракометните активности во Македонија. Со интензивна и плодна работа, во процесот на создавањето и развојот на новиот спорт (прво големиот, а потоа и малиот ракомет), клубот израсна во силна и респектабилна спортска организација. Тоа не треба никој да го заборави, зашто ако не беа РК Работнички и луѓето во него, ракометот ќе почнеше да се игра со големо задоцнување, а не уште во првите години по Втората светска војна.
Направив една мала дигресија, зашто сметав оти е многу битно да се знае каде беа вистинските никулци на еден од најпопуларните спортови на европскиот континент и воопшто во светот.
Меѓутоа, во животот на ракометниот клуб не одеше се толку лесно. Имаше периоди кога беспарицата диктираше какви ќе бидат следните активности. Особено беа тешки зимските месеци, кога требаше да се тренира во затворен простор. Постојано требаше да се бара, барем некоја приближно адекватна сала за да може да се изведе еден квалитетен ракометен тренинг. Тоа одеше многу тешко, но настојчивоста не попушташе. Таа беше присутна и впрочем таа беше движечката сила во СД Работнички. Кога се зборува, пак, за ракометот, треба да се истакне оти и во топлите месеци имаше проблем за одржување на тренинзите. Фудбалскиот терен на Работнички пред сѐ го користеа сите категории фудбалери, од пионери до сениори, па така, остануваше малку временски простор за ракометарите. Но и во такви услови амбициите не се губеа, туку напротив стануваа сѐ поизразени. Често ракометарите со заеми, како што беа оние од кошаркарскиот клуб, кој беше побогат, а имаше и подолга традиција, ги решаваа финансиските проблеми. Токму тоа другарство и сплотеност што владееја во Работнички не дозволуваа неговите клубови да ги снема. И не само тоа. На пример, ракометниот клуб и покрај тоа што и тој се мачеше да обезбеди егзистенција, за доброто и за напредокот на македонскиот ракомет, им помагаше и на клубовите од другите градови. Така се разви една соработка, која и ден-денес е присутна. Инаку, Славко Матовски беше генератор на сите тие активности и има голема заслуга за популаризација на ракометната игра. Неговото искуство и знаење беа основата врз која се темелеше и неговиот авторитет. Тој беше неуморен и гореше од желба насекаде во Македонија да се игра ракомет, а онаа најголема желба за него беше нашата република во овој спорт да добие клуб што ќе биде конкурентен и на сојузно ниво.
ЕКСПАНЗИЈА ВО 1953 ГОДИНА
Малиот ракомет полека, но сигурно се пробиваше на македонските простори. Големиот ракомет, поради потешките услови за организирање натпревари (беше неопходен фудбалски терен), полека згаснуваше. На негово место се појави малиот ракомет, кој можеше да се игра на импровизирани терени и во училишните дворови. Откако и наставниците по фискултура се запознаа со правилата на новата игра, почна вистинска експанзија на малиот ракомет. Тој стана еден од најомилените спортови на младите, така што се наметна потребата да се менува и програмата на часовите по фискултура. Меѓу оние фаворизираните спортови, токму поради големото интересирање кај учениците, се најде и малиот ракомет. Дојде до вистинска афирмација во овој спорт, што од друга страна беше големо охрабрување за Славко и за сите околу него. Сега одеше полесно, ракометот веќе не беше некоја измислена игра, туку вистински спорт со кој почна да се занимава не само машката туку и женската младина. Од тие причини почна да се размислува за отворање женски ракометни секции, кои подоцна би прераснале во клубови.
Сега, да се вратам малку назад. Имено, во периодот кога се појави малиот ракомет, тоа не значеше оти големиот ракомет го снема од сцена. Не, тој и понатаму се играше, а имаше и турнирски систем преку кој се добиваше првакот на државата. Претходно се одржуваа турнири во републиките, а потоа прваците се бореа за државната титула во поранешна Југославија. Така, Работнички преку републичкиот турнир во голем ракомет, организиран во Прилеп во 1953 година, на кој триумфира во конкуренција на Железничар од Т. Велес и домашниот Ударник, доби право на настап на сојузните турнири, преку кои требаше да се добие југословенскиот првак. Работнички настапи на турнирот во Ниш, каде што во конкуренција на домашниот Железничар, потоа Кладивар од Целје и Марјан од Сплит, со два освоени бода беше последен. Победник беше Железничар, кој потоа на финалниот турнир во Белград во решавачката средба за шампион на Југославија беше поразен од 20 Октобар од Сараево.
Очигледно е оти големиот ракомет, иако барем на нашите простори, почна да го снемува, сепак поради меѓународните активности на југословенската репрезентација сепак уште живуркаше и се одржуваше. Во овој ракометен серијал тој ќе нѐ следи сѐ до 1956 година.
































