Хрватската кинопремиера на „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска се одржа во загрепското „Докукино КИЦ“. Хрватската кинопремиера беше во организација на хрватскиот дистрибутер „Рестарт“, „Волим документарце“ и Македонскиот културно-информативниот центар во Загреб.
Во преполната киносала публиката имаше ексклузивна шанса да го види најновото успешно остварување на македонската филмска документаристика. Публиката беше суптилно и моќно освоена од древната легенда за Силјан Штркот, оживеана во поетска, моќна и визуелно волшебна филмска приказна за идентитетот, корените и човештвото.
Свои обраќања пред проекцијата на филмот имаа раководителката на „Докукино КИЦ“, Дина Покрајац, и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, која во своето обраќање изрази посебна благодарност до хрватскиот дистрибутер „Рестарт“ и платформата „Волим документарце“ за поканата македонскиот КИЦ во Загреб да биде еден од партнерите на кинопремиерата и дистрибуцијата во Хрватска на најновото филмско остварување на Тамара Котевска, „Приказната за Силјан“.
































