Иран (2): Последно танго во Техеран

  • Иран сега повторно се враќа на режимот на фундаментализмот, со сигурно масовно ликвидирање на уапсените учесници, иако „му вети“ на Трамп дека нема да се случи тоа. Иран остана, а Иранците се измамени. Во оваа „опашка“ на случувањата сигурно ќе има одмазднички активности и можеби некои попуштања, во што лично не верувам. Околу 5.000 војници од Ирак влегле за задушување на протестите

„Светот е заплеткан и време е да се пие“, вели Каја Калас, главната претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Што би рекле од нашата генерација, „боље бити пијан него стар“. Знам дека ако се наоѓате во авион што изгледа дека се руши, најдобро е да испиете шише виски. Светот е буквално како да сте јавнале ракета со атомска бомба. Погледнете ги жариштата – Судан, Сомалија, Нигерија, потоа Украина, па Газа, Либан, Сирија, Еквадор, Мексико, Хаити, Мианмар, Тајвански Теснец со „глобал конфликт тракер индекс“ од 50/50, што значи огромна можност од проширување во светска војна. Запирањето на немирите во Иран е комплексно, условно и многу лабаво. Промена на еден фактор создава хаос. Според ајатолахот Хамнеи, убиени се над 3.000 луѓе на сегашните демонстрации, а во докторски извештај бројката е 16.500 (според неодамнешни податоци актуелни кога е пишуван текстот – н.з.). Таман си помислив дека ќе се „раатисаме“ од џихадизмот и екстремизмот, кои нѐ дават низ целата ладна војна, ама интересите се други. Баш сум како кокошката и просото. Но игранката мора да продолжи. Јасно е дека сега режимот не може да се смени, а причините се сила, немилосрдност, помош од Турција (против Курдите), мешање на други земји, апстиненција на Америка и Израел за напади поради немање договор со Истокот (Русија и Кина – над 50 отсто од нафтата увезена во Кина е од Иран, што би го зголемило увозот од Русија), оружја на Иран – увезени ПВО, суперсонични ракети, џетови и голем број дронови. Јачината на иранското вооружување и сила зависи од инпутот од Русија и Кина, а се придружува и Турција поради Курдите. Тој инпут зависи од интересите – нафта, минерали, територија, неприближување на Западот кон руската граница, кочење на курдска држава, за или против некои етнички групи и создавање бази. Ајатоласите се враќаат на престолот и размислуваат за наследство по ајатолахот Хамнеи (86 години). Најсилни кандидати се неговиот син Моџтаба Хамнеи и синот на Хомеини – Хасан Хомеини, евентуално некои соработници – Лариџани, Араки или Мирбакири (ако не избегаат). Некако ми мириса на династизација – од една страна Пахлави, а од друга ајатоласите. Компетиција и несогласување постојат базирани на „правото“ (Велајат-е-Хаких), силата (гардата – ИРГЦ) и итрината (разузнавањето). Бидејќи мудрост е силата, сите се лепат за ИРГЦ. Во дијаспората режимот има ретки поддржувачи („антиимперијалисти“, конзервативци), а повеќето се антирежимски (на пример монархисти, МЦРИ, Гаман, НУФДИ, ИЦД, женски асоцијации), па се шират антирежимските протести во Лондон, Париз и во Берлин. Значи силата е во армијата, особено Националната гарда, и сега може да замислите каде ќе нишанат странските служби за безбедност. Ако се срушат ајатоласите, ќе настане лидерска криза – нема лидер што ќе преземе, та подобар е хаос или конфункционалност? Раздвоеноста – етничка, религиозна, идеолошка, па и територијална е прелудиум на распад. Распадот е хаос, а тоа не го сакаат сојузниците (Израел, Саудиска Арабија, Емирати, Кувајт, Сирија, Катар), бидејќи ќе се создадат милитантни групи со кои ќе треба да се справат.

Така парадоксално, џихадизмот е мир, како талибанизмот во Авганистан. Турција е и сојузник и антагонист – со Америка е поради НАТО, базите, силата, стратешки партнер, сунитизмот (наспроти шиитите во Иран), но има и антагонизми со Израел и САД поради религијата (фундаменталистички желби на Ердоган), империјализам (да доминира во Блискиот Исток), Курдите и некои геостратешки фокуси (во Сирија, Либан, Азербејџан, Газа). Офицерите на Израел (Мосад, Аман) се Шломи Биндер, Евал Пинко, Јоси Мелман, Роман Гофман, едни од специјалистите за инфилтрација, регрутирање и операција со внатре-дронови, рушење на нуклеарните постројки, потоа медиуми, артисти, армија, полиција, агенти, атентатори, плус регрутирање протестирачи. Маса на ЦИА-агенти се ликвидирани во Иран, поради неперфектност на комуникации (според советникот Ричард Перле). Дисфункција имаше и во времето на Бжежински (доаѓање на Хомеини), Тенет и Кејси за време на Реган (афера со наоружување на Иран). Наводно, состојбата е поправена со Михаил Д’Андреа – основач на „Иран мишон центар“ со ефикасен антитероризам. Во 12-дневниот напад и сега во ек на протестите, ЦИА ефикасно пренесуваше информации со СИГИНТ, сателитска, сензорска и АИ-технологија со агентите Џон Ратклиф, Михаел Елис, Давид Петреус и Тулси Габард, актуелна директорка на Националното разузнавање (ДНИ). Иран има свои разузнавачи во Израел – потплатени, антиционистички групи (религиозни и секуларни), „посетители“, инженери, незадоволни итн. Ах тие предавници…, а кај нас? Се користат и дијаспоричните фактори. Хезболах има моќни групи во Европа, Америка, Канада и во Јужна Америка, исто и дилери со наркотици, некогаш и псевдоантисемити или антиционисти, потоа сексуално разузнавање (познато уште од време на шахот), хомосексуални инфилтрирачи, религиозни и псевдорелигиозни групи. Се вршат егзекуции и покрај забраните од меѓународните закони. Иран е мултирелигиска држава, но традиционално доминираат шиитите. Постои антагонизам и омраза кон други религиозни групи, најмногу кон сунитите, бахајците, суфите, зороастриците, христијаните и Евреите (има и провладини ултрарелигиозни Евреи, дури и антиизраелски). Иран има огромно шаренило на етнички групи. Најмногубројни се Персијците, околу 50отсто, што остава огромен простор со постојан импут и раст на други етникуми. Знаете дека Персијците се антички ентитет, уште од времето на Елам, империите на Дариј Велики, Кир и потоа Александар Велики, со што можеби имаме и нешто крвно заедничко. Раниот ислам го издигна на највисоко ниво во културата, филозофијата, математиката и сето знаење. Огромен слом доживеа во борбите со Џингис-хан, но и сега со диктатурата на фундаментализмот. Интересна зона од висок степен стана во Втората светска војна, а и потоа, најмногу заради нафтата. Силни се разузнавачките служби на Англија, Америка и на Израел (воени, аеро, кибер, СИГИНТ, ОСИНТ, ГЕОИНТ, ХУМИНТ, економски) плус од Русија, Кина, Франција, Турција, Пакистан, Саудиска Арабија, Индија, Емиратите и Катар. Работат синергистички и антагонистички. Трошоците за разузнавање се огромни. Само за 12-дневната војна Израел потрошил 10-20 милијарди долари за (неофицијално сигурно повеќе).

Америка вели дека за периодот од 2023 до 2025 година потрошила 12 милијарди. Кога сме кај трошоците, да потсетиме дека неодамна САД го покачија годишниот буџет на 1,5 трилиони долари. Тоа е индикатор за „империјални“ амбиции – она што порано го нарековме „орбита“. Напомена: „орбита“ не е исто што и Монрова доктрина, туку нешто многу поголемо (в. поранешни коментари). Тоа е разбирливо во однос на заостанување поврзано со оружја (поранешни коментари) во однос на Русија – на пр. „орешник“, „посејдон“, „авангард“, „буревесник“, „циркон“, „ИЦМБ сармат“, „кинжал“… (класификации на Рафаел Јанушевски, Кумар Сингх и на Јонг Брет). Ова заостанување се должи на типот на финансирање, на пр. на ДАРПА, според исплатливост, а кај Русите и Кинезите е континуирано и сега ќе се компензира со огромни издатоци. Исто – САД се концентрираа на невидливост, висока прецизност и одбрана од побавни модели, а од друга страна и асиметричност во носачите на авиони. Доколку го нападнат Иран, тоа ќе биде тепих-бомбардирање, како во Втората светска војна. Тоа ќе доведе до масовни жртви и убивање на своите поддржувачи. Бруталната победа е пораз. Одмаздата ќе биде со иранските суперсонични ракети и други моќни оружја насочени кон американските бази со 30.000 персонал, во сојузничките земји и кон цивилни објекти на Израел. Така, Иран сега повторно се враќа на режимот на фундаментализмот, со сигурно масовно ликвидирање на уапсените учесници, иако „му вети“ на Трамп дека нема да се случи тоа. Иран остана, а Иранците се измамени. Во оваа „опашка“ на случувањата ќе има сигурно одмазднички активности и можеби некои попуштања, во што лично не верувам. Околу 5.000 војници од Ирак влегле за задушување на протестите. Исто и турската армија. Фундаментализмот е безмилосен кон жените, секуларните и другите религии и етникуми. Антитероризмот некогаш е маскиран тероризам. Кога со тероризам ќе создадеш систем, тој се нарекува политика. Најмногу ќе настрадаат Курдите – од антички народ стана партал за поткусур. Економско-социјалниот статус не може да се поправи, инфлацијата е огромна како „вајмарскиот синдром“ на Германија пред нацистите, корупцијата е огромна, патот на дрогата проаѓа низ Иран во конекција со Балканот и со „Скај EЦЦ“. Моќниците ги повлекуваат депозитите од банките (банката Ајанда за црни трансакции), кои се милијарди долари и ги префрлаат во странство каде што и тие бегаат. Притисокот од Трамп (зголемени царини за соработниците со Иран) ќе имаат дополнителен ефект. Дали Трамп ќе ја продаде Европа? Кој ќе ја купи – Кина, Арапи…? „Бордот за мир на Газа“ ќе се шири и на Иран. Дали ќе направат нов источен блок? Катастрофата е премин на географијата во економијата. Ако боли, ќе подмачкаме! Проституцијата и трговијата со жени, иако се забранети во Иран дури со смртна казна, се доста присутни, впрочем како и сегде. Јавната куќа е „вечерна школа“ за политичарите. Процената е дека има околу 230.000 проститутки (2021 година). Системот не може да ги исплати сите во армијата, a тие асиметрии се почеток на големи незадоволства.

Професор д-р Самуел Колономос Садикарио