Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на Панелот за енергетика во Давос, каде потенцираше дека Македонија треба да ја развива својата економија и од економија која се темелеше од развој на автомобилската индустрија да го диверзифицира своето портфолио и да биде значаен чинител имајќи ги предвид перфомансите и потенцијалот којшто го нудиме во делот на секторот на енергетика.

– Денес имавме, би рекол, многу успешни и инспиративни средби со голем број мултинационални компании, на теми од областа на енергетиката, здравството и високата технологија. Од наша страна беа претставени можностите за инвестиции во Македонија – нешто што ќе значи додадена вредност за македонските граѓани – истакна премиерот Мицкоски во видео изјавата од Давос.

Тој додаде дека посебно би сакал да се задржи на вториот дел од денот, односно на Панелот за енергетика, каде бил активен учесник и говорник заедно со американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, а на којшто учествувало светското водство во енергетскиот бизнис, компании кои доаѓаат од сите континенти и се разговарало за очекувањата и плановите за развој на енергетиката во годините кои следат.

– Енергетиката од областа на производство на електрична енергија. Зошто токму областа на  производство на електрична енергија. Она кое можам да го заклучам како резултат на овој панел за енергетијата се три работи. Првата работа е дека во годините кои следат потребата од енергија во светот ќе расте, но 2,5 пати побргу ќе расте потребата од електрична енергија. И ние тука како Македонија, како држава не смееме да бидеме нем набљудувач, туку активен чинител и учесник и тука повторно треба да ги рестартираме сите оние можеби заборавени енергетски проекти во минатото, како што се Чебрен и Галиште, Бошков мост и останатите и да го понудиме потенцијалот за инвестиции во обновливи извори на енергија на голем број од инвеститорите кои покажаа несомнен интерес во дискусиите по завршувањето на панелот – истакна Мицкоски.

Втора работа која исто така е значајна, како што посочи премиерот, е дека во следните 10 години производните капацитети кои треба да бидат изградени и треба во светот да произведуваат електрична енергија ќе треба да произведат вкупно 40 илјади терабат часови електрична енергија.

– Колкава е таа количина на електрична енергија? Тоа е 5,5 илјади пати повеќе отколку што денеска Македонија троши електрична енергија и некаде отприлика онолку колку што денеска САД , Канада, Европската Унија и Јапонија заедно трошат – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека ова е потребно затоа што во годините кои следат развојот на човештвото ќе опфаќа развој на вештачка интелигенција, а со тоа и центри на податоци т.н. Дата центри кои, како што вели, „работат не на енергија, туку на електрична енергија“.

-Тоа се трите факти кои се многу важни и ние како држава треба тој чекор да го следиме и во таа насока да ја развиваме нашата економија и од економија која се темелеше од развој на автомобилската индустрија да го диверзифицираме своето портфолио и да бидеме значаен чинител имајќи ги предвид перфомансите и потенцијалот којшто го нудиме во делот на секторот на енергетика. Јас сум убеден дека ние како држава тоа може да го направиме и ние како држава ќе успееме во таа намера – посочи премиерот во видео изјавата.