Фото: РФМ

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ

  • Освоениот бод на дуелот со Португалија ја остава Македонија во игра за продолжување во главната рунда. За да се пласираат црвено-жолтите меѓу 12-те најдобри, можно е да одлучува и гол-разликата. Во третото коло денеска играат Македонија – Романија (18 ч.) и Данска – Португалија (20.30 ч.)

Македонија и Португалија го одиграа својот прв нерешен резултат, 29-29 (15-13), во својата историја, во Хернинг (Данска), во второто коло во групата Б од Европското првенство (ЕП). Португалија, која беше четврта на ланското Светско првенство (СП), важеше за голем фаворит, имаше водство во поголемиот дел од второто полувреме, но македонските ракометари не се откажаа, храбро борејќи се на теренот, а нерешениот исход им дава шанса на двете селекции да се пласираат во главната групна рунда. Во третото коло денеска играат Македонија – Романија (од 18 часот) и Данска – Португалија (20.30 ч.). По два меча, Данска обезбеди пласман во следната фаза со четири бода, Португалија има три бода и гол-разлика плус шест, Македонија има еден бод и негативна гол-разлика од 12 погодоци, а Романија е без бодови.
– Сакам да им честитам од душа и од срце на нашите играчи за она што го направија, и тоа против селекција што беше полуфиналист на Светското првенство. Ова е екипа што пристигна тука со амбиција да се бори за злато. Сега е најважно да оствариме победа против Романија, а потоа ќе видиме што ќе ни донесе таа. Треба да победиме, тоа е прво и основно, а второ, да се обидеме да победиме и со повеќе голови разлика. Романија е добар ривал и таа најави дека главен фокус ѝ е третиот натпревар против Македонија. Подготвени се за војна против нас, па затоа очекувајте фајтерски натпревар – изјави Лазаров.
Освоениот бод ја остава Македонија во игра за продолжување во главната рунда. За да се пласираат црвено-жолтите меѓу 12-те најдобри денеска, можно е да одлучува и гол-разликата. За пласман понатаму, Македонија треба да ја победи Романија, Данска да ја совлада Португалија, но во двата меча збирот на гол-разликите треба да биде 19. На пример, Македонија ако слави со пет разлика, Данска треба да слави со 14 за Македонија да биде на второто место. Можно е да се помине и со вкупно 18 гола разлика, а во таков случај ќе се гледа бројот на постигнати голови. Во секој случај, победата на средбата со Романија е од исклучително значење за Македонија, оти тоа би значело настап во само еден бараж за пласман на СП 2027, а четвртиот во групата ќе игра два бараж-меча.

– Некако тешко е сега да се говори, но по мечот со Данска верувавме во себе, знаевме дека имаме квалитет да играме со Португалија. Добро ги анализиравме, напорно работевме и фокусот беше на Португалија и на Романија. Со Данска мечот беше за уживање. Игравме со срце, душа и глава за Македонија. Сега одиме понатаму, ако го повториме овој меч и со Романците, верувам дека може да победиме. Мора да влеземе во тој натпревар со студени глави. Сега е тешко да се прават математики, но наше е да одиграме исто така 60 минути машки и се надеваме на победа – изјави македонскиот капитен Филип Кузмановски.
И централниот бек на Македонија, Марко Митев, изнесе охрабрувачки зборови пред натпреварот со Романците.
– Одигравме многу добро, цел тим беше фокусиран од првата до 60-та минута. Пред натпреварот, Португалците беа фаворити, но нашата мотивација пресуди. Имаше некоја посебна енергија, сите беа расположени, знаевме дека ќе се случи нешто позитивно. Бодот многу ни значи, а сега мора да одиме на сѐ или ништо против Романија ако сакаме да играме во втората фаза. Се надевам ќе нѐ посака среќата – рече Митев.
Ремито на македонската репрезентација им го честита преку својот фејсбук-профил и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, со желба за понатамошен успех.
– Вечерва бевме сведоци на витешка борба во која на теренот се разлеа препознатливата македонска вулканска енергија. Македонската публика, пак, со френетично навивање, беше, е и ќе остане осмиот играч во салата. Моите мисли секогаш се со македонските ракометари. Верувам во нивната сила, зрелост и потенцијал да растат од натпревар во натпревар. На Лазаров и на тимот им посакувам уште поцврста игра, поголема смиреност во клучните мигови и успех што ќе биде заслужена круна на нивната пожртвуваност – изјави Сиљановска-Дафкова.
Најефикасен и најдобар играч на мечот беше Кузмановски со 15 гола од 18 шута, а кај противникот Франциско Кошта постигна 11 погодока од 15 удари. Поради повредите на две македонски крила, Иван Џонов и Петар Атанасијевиќ, селекторот го повика левото крило Гоце Ојлески. Финалните возбудувања во оваа група се денеска. Во вториот натпревар од оваа група, Данска славеше на дуелот со Романија со 39-24, што истовремено е и личен рекорд на Данците за остварената гол-разликата на едно ЕП. Претходниот рекорд изнесуваше 14 гола.
Македонија и Романија досега на официјални натпревари се сретнале шест пати и се забележани по три победи и порази. Во квалификациите за ЕП 1998, Македонија дома славеше со 35-22, во Клуж загуби со 25-32, во квалификациите за СП 2019 во плејофот Македонија во Скопје победи со 32-24, во Букурешт загуби со 25-26, а во квалификациите за СП 2023, Македонија во Скопје победи со 30-22 и во Букурешт беше поразена со 22-24.
По некомплетното второ коло во втората фаза на ЕП 2026 се пласираа Данска (група Б), Франција, Норвешка (Ц), Словенија (Д), Шведска (Е), Исланд и Унгарија (Ф). Г.И.


Фото: РФМ

Кузмановски засега е втор стрелец на ЕП 2026

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Филип Кузмановски, по некомплетното второ коло е втор стрелец на годинашното Европско првенство (ЕП) со вкупно 19 гола од 28 шута (67,9 отсто) и е единствениот што досега постигна 15 погодоци на еден натпревар на ова ЕП. На врвот е Португалецот Франциско Кошта со 20 гола од 28 удари (71,4 отсто), а трет е Елијас Скипаготу од Фарски Острови, кој 18 пати ја затресе противничката мрежа (81,8 отсто).


ЕП 2026

ГРУПА А: Австрија – Шпанија 25-30, Србија – Германија 30-27. Табела по две кола: Шпанија 4, Србија 2, Германија 2, Австрија 0. Вчера играа: Австрија – Србија, Германија – Шпанија.
ГРУПА Б: Македонија – Португалија 29-29, Романија – Данска 24-39. Табела по две кола: Данска 4, Португалија 3, Македонија 1, Романија 0. Идно коло (денеска): Македонија – Романија (18 ч.), Данска – Португалија (20.30 ч.).
ГРУПА Ц: Украина – Франција 26-46, Чешка – Норвешка 25-29. Табела по две кола: Франција 4, Норвешка 4, Чешка 0, Украина 0. Вчера играа: Чешка – Украина, Франција – Норвешка.
ГРУПА Д: Црна Гора – Фарски Острови 24-37, Швајцарија – Словенија 35-38. Табела по две кола: Словенија 4, Фарски О. 3, Швајцарија 1, Црна Гора 0. Идно коло (денеска): Црна Гора – Швајцарија (18 ч.), Словенија – Фарски О. (20.30 ч.)
ГРУПА Е: Хрватска – Грузија 32-29, Шведска – Холандија 36-31, Табела по едно коло: Шведска 2, Хрватска 2. Грузија 0, Холандија 0. Вчера играа: Холандија – Грузија, Шведска – Хрватска.
ГРУПА Ф: Полска – Исланд 23-31, Италија – Унгарија 36-31. Табела по две кола: Исланд 4, Унгарија 4, Полска 0, Италија 0. Идно коло (денеска): Полска – Италија (18 ч.), Норвешка – Исланд (20.30 ч.).