Само неколку часа пред почетокот на жалбената постапка пред Апелациониот суд во Франција, осудената лидерка на француската ултрадесничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, изјави дека влегува во жалбената постапка „со надеж дека ќе биде сослушана“.
„Се надевам дека Апелациониот суд ќе ме сослуша. На некој начин, имам надеж“, изјави денеска шефицата на пратеничката група на партијата Национален собир по пристигнувањето во Националното собрание за редовниот состанок на нејзината пратеничка група – објави весникот Фигаро.
По состанокот во француското Национално собрание, Марин Ле Пен треба да оди во Апелациониот суд во Париз за почеток на петнеделниот процес што ќе трае до 12 февруари, клучен за иднината на нејзината политичка кариера.
Ле Пен ќе се појави пред Апелациониот суд заедно со единаесет други обвинети кои, исто така, беа осудени во првостепената постапка во случајот со злоупотреби од страна на европските парламентарци од редовите на нејзината партија- Национален собир.
Таа беше осудена за злоупотреба на јавни средства и на крајот на март беше осудена на четири години затвор, парична казна од 100.000 евра и петгодишна забрана за вршење политичка функција, што стапи на сила веднаш и во оваа фаза ја спречува да се кандидира на какви било избори, вклучително и претседателските избори во 2027 година.
Доколку пресудата по жалбата не биде ослободителна, главната цел на Марин Ле Пен е да добие пократка забрана за вршење јавна функција за период не подолг од две години.
На првостепеното судење лани пред Парискиот суд се појавија вкупно 25 обвинети, а само едно обвинето лице беше ослободено, додека единаесет не поднесоа жалба на пресудите.
Судот ја одреди висината на надоместокот на 4,3 милиони евра, од кои 1,1 милион евра веќе се вратени во 2025 година.
Тринаесет обвинети кои поднесоа жалба на првостепените пресуди сè уште се сметаат за невини, но конечната судбина на единаесетте осудени за злоупотреба на јавни средства (или примање украдена стока) фрла сенка врз целата постапка.
Се очекува Апелациониот суд да донесе одлука во јуни или јули оваа година.
































