фотографии Музеј- галерија Кавадарци

Музеј-галерија Кавадарци во годината кога го одбележува  значајниот јубилеј 50 години постоење  своите активности ги започна со изложбата на фотографии под наслов „Џоломари“  како и на автентични реквизити и проекција на документарен филм на Тони Коцев за традиционалните обреди под маски кои се карактеристични за селата Ресава и Бегниште по повод доаѓањето на Стара нова година и верскиот празник Василица. Автор на изложбата е виш кустос Томе Крстевски а куратор кустосот Ангела Симонова кои во своите обраќање потсетија на повеќевековната традиција на овие обреди кои се организираат во повеќе села од Тиквешијата како Сопот, Манастирец, Сирково и Дреново но во селата Ресава и Бегниште е најизразено.

Обредот во селата Ресава и Бегниште има задржано многу од својата автентичност, исполнет со архаични дејства, истовремено и верба во магијата да придонесе за благосостојба на луѓето. Кај нив е карактеристично што сеуште силно е изразена сериозноста со која се изведува овој обред од страна на учесниците што и понатаму придонесува да се чуствува духот на Џоломарите. Во зависност од улогата  во ритуалот, секој учесник ја приспособува својата маска. Обредот започнува ноќта меѓу 13 и 14 Јануари односно Василица кога целата селска заедница започнува привремено да живее еден понинаков живот од вообичаениот. Се смета дека овие маскирани групи се организираат со цел да ги избркаат лошите духови што шетаат во 12-те некрстени денови од Божиќ 7 јануари до Богојавление 19 Јануари. Нивните ритуални игри се проследени со драмски и комични елементи исполнети со магијски дејства кои имале за цел да го истераат лошото, а истовремено да донесат бериќет и благосостојба за годината што настапува како во семејството така и на земјоделските посеви – рече кустос Ангела Симонова.

Инаку зборот џоломар го среќаваме само во етничкиот предел Тиквеш. Според истражувањата  на етнолозите од Музеј-галерија  за овој збор  мештаните немаат некакво објаснување освен, „ така било и така останало“. Најверојатно  нивното име е настаната од зборот џолом што значи  врева, бука а џоломарите од Тиквешијата во својата карактеристична маска, црни лица и облека, долга бела брад носат и голем кожен ремен на кој се закачени голем број на тешки ѕвонци и клопотарци кои при нивната џоломарска игра со потскокнување произвдуваат силен звук и голема врева .

Џоломарите од овој етнички предел заедно со цврстите закони на маскирање во кое нема импровизации и се е во својата изворна форма со векови опстанале и постојано предизвикуваат големо внимание со нивното учество на сите балкански карневали па и пошироко. Само со непосредно присуство на овој обред може да се почуствува неговата вистинска моќ за да се разјасни дилемата зошто се задржал до денешени дни, со речиси истиот интензитет како што тоа било во минатото. Интересно е да се напомене дека за време на обредот, бидејќи станува збор за некрстени денови, се е дозволено па дури и „безобразлуци“ во кои имитирањето на половиот акт претставува желба новата и млада година да биде плодна. Токму за обредните „мрсни“ песни минатата година на ритуалот присуствуваа студенти докторанти од Факултетот за историја и етнологија од градот Дебрецин – Унгарија кои џоломрите од селата Ресава и Бегниште ги ставија во докторската дисертација под наслов „Џолома“ со осврт „мрсни“ песни – изјави авторот на изложбата Томе Крстевски.