Фото: ЕПА

Од 11 часот по македонско (12 часот по локално време) во прекин е сообраќајот за сите возила на граничниот премин Богородица кон нашата земја за влез и излез од Грција поради блокадата на грчките земјоделци, што, според информациите на дописничката на МИА од Атина, ќе трае до 15 часот по наше, 16 часот по грчко време.

Земјоделците од северниот дел на Грција, кои од 1 декември своите трактори ги имаат паркирано на грчката страна од границата, се меѓу блоковите што одбија денеска да се сретнат со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и продолжуваат со нивните активности, протести и блокади.

Не е исклучена можноста граничниот премин Богородица да биде блокиран и во вечерните часови, по 19 часот по локално време.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, од 19 часот по локално, 18 часот по македонско време, четири часа ќе биде блокиран граничниот премин Ники (Меџитлија) за товарни возила, а во периодот од 20 до 22 часот (од 19 до 21 часот по македонско време), блокадата ќе се однесува и на автомобили.

Како што претходно објави МИА, земјоделците од над 55 блокови доцна синоќа одлучија да не дојдат на состанокот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, затоа што, како што тврдат, владините ограничувања за бројот на претставници ги поткопуваат изгледите за значаен дијалог и планираат дополнително да ги интензивираат протестите.

Мицотакис денеска, сепак, ќе одржи средба со земјоделци, но со претставници на само 14 блокади, односно со оние кои уште од минатиот месец се одделија од останатите и побараа дијалог со Владата.