Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави Конечниот ревизорски извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи, заедно со ревизијата на усогласеност на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) за 2024 година. Како што информира, утврдено е дека 287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени, односно не се дадени под закуп, додека седум од вкупно 16-те зони, на вкупна површина од 203,5 хектари и една индустриска зона на површина од 3,2 хектара, не се ставени во функција – просторот не е издаден на потенцијалните корисници.
Со ревизијата е утврдено и дека инвестициите во тек, извршени во зоните во износ од 4.243.216 илјади денари или 68.995.382 евра, се уште се водат како материјални средства во подготовка и за нив не се пресметува амортизација, иако во најголем дел се ставени во употреба. Причина за ваквата состојба е тоа што не се исполнети условите и законските решенија за добивање одобрениja за употреба.
До крајот на 2024 година не била донесена тригодишна инвестициона програма како долгорочен документ за планирање на активностите на ДТИРЗ. Програмата е донесена во декември 2024 година и се однесува за период 2025 – 2027 година.
Утврдени се и недоследности во процесот на планирање на јавните набавки и реализација на склучените договори.
-На територијата на државата Владата има 16 технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и три индустриски зони со кои управува и е надлежна ДТИРЗ и почната е постапка за формирање нови ТИРЗ на територијата на Општина Куманово и Општина Липково. Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето кои влијаат на изразување неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет и мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за 2024 година на сметката на буџет од самофинансирачки активности – наведува ДЗР.
Во однос на недоследностите во процесот на планирање на јавните набавки и реализација на склучените договори, информира дека за изведба на објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, како и објекти за времено сместување, градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Штип и ТИРЗ Прилеп, по принцип „клуч на рака“, во 2023 година е склучен Договор вреден 1.781.800.000 денари со ДДВ или 28.972.357 евра.
-Со ревизијата е утврдено дека набавката била планирана и спроведена без претходна анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија за економската оправданост и без изработена проектна документација со предмер и пресметки, иако станува збор за исклучително голема и комплексна капитална инвестиција. Проценетата вредност на набавката е утврдена без целосни и веродостојни анализи, исклучиво врз основа на ценовник за инженерски услуги, а притоа не била искористена законската можност за технички дијалог со економските оператори, ниту постапката е спроведена како делива набавка и покрај различните видови објекти и локации. За реализација на договорот на крајот на 2023 година бил исплатен аванс од 20 отсто од договорната вредност, во износ од 302.000 илјади денари, односно 4.910.569 евра. Исто така, утврдени се и слабости во реализацијата на договорот, кој воедно не содржи јасно уреден начин на плаќање за изработка на проектната документација, што создава правна несигурност и финансиски ризик за договорниот орган. ДТИРЗ во јули 2025 година доставува Информација до Владата за потреба од спогодбено раскинување на договорот, истакнува ДЗР.
Извештајот покажува и дека за изградба на административен објект во ТИРЗ Штип во декември 2022 година е склучен Договор во вредност од 212.398 илјади денари со ДДВ, односно 3.469.886 евра, но утврдени се значајни слабости во неговата реализација.
-Склучен е анекс за дополнителни и непредвидени работи како резултат на недоволно прецизна проектна документација и предмер-пресметка, при што изградениот потпорен ѕид и пристапната улица не се опфатени со проектната документација за која е издадено одобрение за градење, што не е согласно Законот за градење. Изведувачот започнал со набавка и монтажа на пречистителна станица без претходно одобрение за измени во тек на градба од надлежното министерство. Административен објект во ТИРЗ Штип, потпорен sид и пристапна улица Во јануари 2023 година ДТИРЗ склучила договор за консултантски услуги за избор на партнер за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија во износ од 39.044 илјади денари, односно 634.832 евра со рок на реализација од една година, кој со анекс е продолжен до април 2024 година. Ревизијата утврдила дека поради поставени ограничувачки и дискриминаторски технички и квалификациски критериуми била доставена само една понуда. Објавените два јавни повици за избор на партнер за ЈПП во 2023 и 2024 година биле поништени бидејќи не била доставена ниту една понуда. И покрај тоа што договорот е реализиран во вкупен износ од 33.088 илјади денари, односно 85 отсто од вредноста на договорот, клучните активности од проектната програма поврзани со избор на партнер и склучување договор за ЈПП не се реализирани, што укажува на несоодветно користење на буџетските средства – наведува ДЗР.
Во септември 2023 година ДТИРЗ склучила рамковна спогодба за промоција на странски директни инвестиции, маркетинг и изработка на промотивни материјали со два економски оператори во износ од 15.340 илјади денари за период од две години, која со анекс од февруари 2024 година е зголемена за дополнителни 2 950 илјади денари или вкупно 18.290 илјади денари (зголемување од 19 проценти).
-Во 2023 и 2024 година преземени се обврски во вкупен износ од 16.862 илјади денари. Ревизијата утврдила дека дел од услугите поврзани со организирање на настани се извршувале и покрај тоа што во ДТИРЗ постои Сектор за маркетинг и комуникација, а поради невоспоставени индикатори за мерење на ефектите не се уверивме во потребата и ефектите од извршување на предметот на договорот. Со ревизијата обелоденето е дека 287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени, односно не се дадени под закуп, додека пак седум од вкупно 16-те зони, на вкупна површина од 203,5 хектари, и една индустриска зона на површина од 3,2 хектари не се ставени во функција, односно просторот на истите не е издаден на корисници. Во периодот од 2009 до 2023 година во зоните кои не се ставени во функција реализирани се инвестиции во вкупен износ од 143.408 илјади денари (2,3 милиони евра) или 3,4 проценти од вкупниот износ на материјални средства во подготовка и тоа по основ на изградба на основната внатрешна инфраструктура, проектна документација и експропријацијата на земјиштето – информира ДЗР.
Според ревизорскиот извештај, на име обврски по задржан депозит во сметководствената евиденција на ДТИРЗ се евидентирани 39.655 илјади денари кои потекнуваат од минати години по склучени договори за изведување градежни работи.
-Во зоните инфраструктурата се гради во фази, а согласно издадените одобренија за градење, техничкиот преглед може да се направи на конечно изградена инфраструктура како функционална целина, односно по добивање на одобрение за употреба од надлежното министерство, поради што ДТИРЗ не го враќа задржаниот депозит на изведувачите, а објектите се водат како материјални средства во подготовка. Овие состојби предизвикале наталожени обврски по овој основ и реален ризик од покренување на судски постапки од страна на изведувачите. Во извештајот нотирано е дека по Договор за закуп на деловен простор, склучен во јануари 2024 година, исплатен е депозит во износ од 7.181 илјада денари, за кој поради недоследности во условите и примопредавањето на просториите, во декември 2024 година се преземени активности за спогодбено раскинување на договорот за закуп и поведена е судска постапка, но депозитот до денот на известување од ревизијата не е вратен од страна на закупецот – наведува ДЗР.
Во делот на останати прашања, ревизијата укажува на повеќе системски слабости поврзани со објектите кои се водат како инвестиции во тек, управувањето со државната помош и законската неусогласеност во делот на платите.
За утврдените состојби, ревизијата даде препораки за надминување на утврдените состојби.
































