Фото: Маја Јаневска Илиева

Посакувам Новата година да биде време на исчекор кон траен светски мир, потпрен на меѓународното право и на меѓународните институции, сакам ние да се вдомиме во Европската Унија, решени да живееме во амбиент на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова во честитката за Новата 2026 година.

– Лично, секому од вас, му посакувам Нова година каква што најмногу сака! Среќна Нова 2026 година, сакани деца, среќна Нова година почитувани млади, среќна Нова година почитувани граѓани – порача таа.

Во својата новогодишна честитка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се наврати на главните обележја на годината што изминува, оценувајќи ја 2025 како година исполнета со промени на меѓународната сцена и значајни процеси во земјата.

Таа потенцира дека светот ќе ја памети годината по драматичните промени во меѓународниот поредок, незамисливите војни со бројни човечки жртви, забрзаната милитаризација, како и по растечките климатски, еколошки и енергетски кризи. Според неа, дополнителен предизвик претставувале маргинализираните меѓународни институции и суспендираното меѓународното право.

Осврнувајќи се на надворешната политика, претседателката истакна дека земјата се водела согласно европските безбедносни и политички стандарди, позиционирајќи се како „видлив и почитуван актер“ на меѓународната сцена. Во поглед на евроинтеграциите, како што наведе, фокусот во текот на 2025 година бил ставен на исполнување на Копенхашките критериуми.

На домашен план, Силјановска-Давкова ја оцени 2025 како година на почеток на клучни процеси.

– Дома, 2025-та беше година на почеток на реформи во правосудството, отворање битка со корупцијата и криминалот, креирање национална развојна стратегија, воспоставување нови стратешки партнерства во функција на економски и други реформи, инфраструктурна офанзива, долгорочно решавање на енергетското прашање, системско решавање на соработката со дијаспората – рече Силјановска-Давкова.

Како најтежок момент за сите граѓани, претседателката ја посочи трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека оваа болка ќе остане присутна засекогаш. Таа порача дека обврска на државата и општеството е да не ги заборават семејствата на загинатите и повредените, но и да се обезбеди правда.

-Нивната немерлива жртва мора да нè направи подобри луѓе, како и да создаде политички и правен систем што нема да дозволи нови невини жртви“, истакна претседателката во својата порака – порача таа.