ОДБОЈКА – ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ПРВИОТ ДЕЛ ОД ПРВЕНСТВОТО
- Вториот дел од првенствата за мажи и за жени почнува на 24 јануари
Сите клубови што се дел од Првата машка лига и официјално се на зимска пауза, откако првиот дел од сезоната на одбојкарските терени беше комплетирана минатиот викенд. Во најсилното друштво нема непоразена екипа по есенскиот дел од првенството. Штип УГД ќе презими како лидер, а единствениот пораз го претрпе од актуелниот шампион Струмица со 2-3, во Штип, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Струмица е на втората позиција, но шампионот, кој сезонава значително ги подмлади своите редови, одигра дури три меча од по пет сета, загуби од ГОК Борец, а како победник излезе на мечевите со Штип УГД и со Шкендија во последното коло.
На главните фаворити друштво им прават Работнички 71/22 и ГОК Борец, а истото важи и за Универзитетот во Тетово и Сушево, кои влегоа во плејоф-конкуренцијата. Според пропозициите, по завршувањето на првиот дел од сезоната (лига-фазата), првите шест екипи играат во плејофот, пренесувајќи ги бодовите од првиот дел. Се игра двокружно и потоа првите четири екипи обезбедуваат пласман во полуфиналето. Екипите што во есенскиот дел ќе се пласираат од седмото до 12. место ќе ги пренесат бодовите од првиот дел и ќе разигруваат во плејаут-фазата. Вториот дел од првенството за мажи почнува на 24 јануари, пишува ОФМ.
Паузата во првенството во сениорска конкуренција во Првата и Втората лига жени само два тима ја дочекаа со беспрекорен учинок, Наковски Волеј кај прволигашите, односно Фламинго Волеј кај второлигашите. Освојувањето на трофејот во Купот, првиот пехар во клупската историја, за Наковски Волеј беше круна на сезоната 2024/2025, но истовремено и најава за поголемите амбиции што ги има овој струмички состав. Работнички Скопје е втор на табелата, со два пораза, и двата од главните ривали за трофеите, Наковски Волеј и Јанта Волеј КВ. Шампионот Јанта Волеј КВ скапо ја плати набиената агенда, која му ја донесе настапот во ЦЕВ Лигата на шампионите (ЛШ), каде што имаше успешна прва рунда, а потоа и во ЦЕВ-купот, пишува ОФМ. Бранителот на титулата е петти на табелата, но во вториот дел од сезоната фокусот ќе биде насочен само кон првенството, а тоа е најава за уште поинтересни дуели.
Дебитантите Газели Волеј и Пелистер Волеј покажаа дека се освежување во Првата женска лига. „Газелите“ се во топ три, го изненадија шампионот и им пркосеа на фаворитите, па заслужено се таму каде што се, пишува ОФМ. Пелистер Волеј одигра најмногу дуели во пет сета во полусезоната и откако плати со неискуството, стигна и до толку потребната (во тој момент) тајбрејк-победа. Првенството во Првата лига продолжува на 24 јануари. По комплетирањето на лига-натпреварувањето, првите осум екипи играат во четврт-финалето на плејофот во два добиени меча, од кои ќе се добијат полуфиналистите. Екипата што ќе биде на деветтата позиција на табелата игра бараж со второпласираниот тим во Втората лига жени за опстанок во прволигашкото друштво. Последнопласираната екипа во првенството, пак, во следната сезона ќе се натпреварува во Втората лига, информираат од ОФМ. Г.И.
































