Фото: ЕПА

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЗАБРЗАН ШАХ

  • На отворениот турнир меѓу 247 шахисти, Карлсен освои 10,5 поени од 13 кола, а кај шахистките Горјачкина и Џинер по 8,5 од 11 кола, па дополнителните партии одлучуваа која ќе биде шампионка

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен (2.824 рејтинг-поени) ја освои својата шеста светска титула, на Светското првенство (СП) во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди по секој потег) во Доха (Катар). Тој освои 10,5 поени од 13 кола во три натпреварувачки дена, односно еден поен повеќе од другите (вкупно играа 247 учесници), како и наградата од 70.000 евра. Русинот Владислав Артемиев (2.727) е втор, а Индиецот Арџун Еригаиси (2.714) трет, и двајцата со по 9,5 поени.
За Карлсен ова е 19-та титула светски првак во шах во три временски контроли. Тој од 2014 година освојува медал на секое издание на СП во забрзан или во брз шах. По поразот од Артемиев во седмото коло, Карлсен ги доби сите партии до последното коло (пет победи во низа). Карлсен влезе во последното коло со еден поен предност пред Артемиев и пред Американецот Ханс Ниман (2.612), а против Холанѓанецот Аниш Гири (2.685) како „бел“, во последното коло брзо ремизира, што беше доволно да ја освои шестата светска круна во забрзан шах (2014, 2015, 2019, 2022, 2023 и 2025).
– Имаше многу силни играчи. Сериозната предност што ја имам е што играм за прво место кога се појавувам тука, а повеќето други играчи размислуваат да добијат добра награда и можеби медал. Тоа ми дава огромна психолошка предност. Она што се издвојува тука е тоа што успеав да ги победам сите што не се врвни играчи, нешто со што сум многу задоволен. Генерално, освен почетокот на вториот ден, кој беше ужасен, сѐ друго беше добро за мене – рече Карлсен, пренесе Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Во женска конкуренција настапија 141 шахистка, три шахистки беа изедначени на врвот со по осум поени по 10. коло, Жу Џинер (2.435) од Кина, Александра Горјачкина (2.505) од Русија и бранителката на титулата, Хампи Конеру (2.448) од Индија. Во 11. коло и Џинер и Горјачкина ремизираа во своите партии. Конеру, единствената со шанса да го освои сама првото место, имаше победничка завршница против сонародничката Шри Б. Савита (2.238), но ремизира. Според прописите, во случај на нерешено за првото место, само првите две шахистки одат во финалниот плејоф. Така, Горјачкина и Џинер (23) одиграа две партии со брзо темпо. Русинката брзо ја доби првата, а ремизира во втората за да ги обезбеди титулата и наградата од 40.000 евра. Таа беше предизвикувачка за светска првенка во класичен шах во 2020 година, а ова е прва светска круна во забрзан шах. Џинер (23), која водеше во поголемиот дел, е втора. Откако го освои златото во Њујорк во 2024 година, Конеру сега освои бронза.
Вчера и денеска продолжи СП 2025 во двете конкуренции во брз шах (три минути, плус две секунди по секој потег). На отворениот турнир се играат 19, а на женскиот 15 кола, по што ќе следат полуфиналните и финалните дуели. Г.И.