По американската премиера во Њујорк, како и британската во Лондон, „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска ќе ја доживее својата свечена премиера во Скопје. На 4 јануари (недела), во 20.30, во МНТ ќе се одржи премиерата на македонскиот кандидат за „Оскар“ пред домашната публика, која нетрпеливо го чека ова наградувано дело.
МНТ за првпат ќе биде домаќин на ваква кинопромоција, каде што ќе биде присутна целата филмска екипа на „Силјан“ што работеше на еден од најдобрите документарни филмови во македонската кинематографија. Доказ за тоа се наградите што ги пронижа на сите меѓународни релевантни фестивали, како и откупувањето на филмот од страна на „Нешнал џиографик“. Светските критичари рекоа: „триумф“, „апсолутен шармер“, „импресивно дело“, „прекрасна и нежна меланхолија деликатно поврзано со екосистемот, кој е предизвикан од притисокот на модерниот живот во Македонија“, и тоа се само дел од епитетите што ги напишаа светските филмски критичари.
„Приказната за Силјан“ е визуелно силен и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Николa, притиснат од новите државни политики, случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска, која му ја враќа смислата на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.
По празниците филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ другите македонски градови.
































