Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Огромната тумба на земјата отскокнува на хоризонтот, но сепак се ретки човечките очи што ја забележуваат оваа воодушевувачка градба. Симболот што е вцртан во неа е видлив само од небо. Привлекувањето на вниманието преку сликата што се гледа од небо беше совршен начин за да се извади на површина човечката алчност за „она што би можело да биде под тумбата“. По повеќе од половина деценија молк, ова е текстот што по научните трудови обелоденува постоење на свети простории под земјениот насип во Овче Поле. Потврдата од Управата за заштита на културното наследство дека станува збор за ров оди во прилог на аналогијата употребена од Super Brain Research Group, дека овалните концентрични ровови имаат магиска функција за заштита од злите сили. Светската наука веќе прави споредбени истражувања на курганите од Скитите и гробниците на Македонците околу древната престолнина Бела. Импозантноста на оваа градба воодушевува и предизвикува за уште многу работа во истражувањето на мистичното Овче Поле. Канда – портата преку која доаѓа белата зора, новиот еон, новото сонце на слободата.
Во старите преданија медното, бакарното гумно и другите метални токови и полиња се јавуваат како – бојно поле на змејови и ламји, метално поле на кое се наоѓа софрата на змејовите, место на кое змејовите ги обработувале благородните метали и вршеле „некои свои, други работи“.
Според тоа што во грчките, словачките и бугарските преданија змејското поле се јавува и како пасиште на змејски овци, може да се смета дека бараното митско поле се нарекувало не само медно поле, медно гумно, меден ток туку и Овче Поле. Кон таков заклучок нѐ наведуваат и некои други апокрифни сказанија. Од Видение на Исаија пророкот за последните времиња досега се пронајдени само два преписа. Едниот, постариот, е објавен во 1890 година, а апокрифниот текст од Попдраголевиот зборник е преобјавен во 1900 година, и двата во изданието „Споменик на српската академија“. Во тој апокрифен текст на пророчки начин – post eventum, се говори за „последните времиња“.
…Ќе се дигне еден змеј со сите свои велможи, та ќе дојде во израилската земја и ќе заседне на местото кое го нарекуваат Овче Поле, па ќе ги победи сите околу себе, на сите јазици…
По пловидбата на реката Таен Рај во Овче Поле и крвопролевањата по тоа, змејот ќе се упател кон Цариград и понатаму. Од текстот на Марин Дринов читаме дека змејското бојно поле се нарекувало и големо, гигантско поле, но и меден ток, медно гумно и Овче Поле – со значење бојно поле.
Во една руска редакција од откровението на Методија Патарски се сретнува Овче Поле со значење – бојно поле…
Споменатото предание од патописецот Еротеј Рачанин од почетокот на 18 век, за „бакарното гумно што го направиле Србите кога се враќале од Троја“ и одговорот на истото тоа од Дринов, неколку века подоцна, дека тоа биле „Бугари“, а не „Срби“, затоа што „Бугари живееле на Овче Поле“, ни говори за важноста на овој митотопоним во историите на соседните држави.
Во пропагандната борба во 19 и 20 век, бакарното гумно станува митотопоним преку кој соседните народи си ја определуваат древноста. Истражувањата на современите историчари покажуваат дека бакарно – медно гумно се употребува за места што се нарекуваат и бакарни реки, бакарни места, змејски места, капишта – древно светилиште, жртвеник, место со кип, идол итн. Овие места се и синоним за обвивка со која се чува светоста, преграда, места за обработка и криење садови за чување жито, преграда, врата. Според моето истражување, симболиката на медното гумно означува дека тоа е порта преку која се менувале владетели, поредоци, цели ери и епохи, бакарното гумно – капиште е местото каде што завршува старото и се обелоденува новото. Па така, во многу книги се забележува „победа над паганите на нивното гумно“, „скриениот сад под медното гумно“, „прободување на гумното со меч“, а во народните песни и преданија тоа е местото каде што играат самовилите, местото каде што невидливиот свет се манифестира во видлив.
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)































