- Синоќа, во МКЦ во Скопје, групата „Меморија“ одржа концерт на местото каде што започна оваа музичка приказна, која трае повеќе од 40 години. Се обединија речиси сите членови на бендот, од почетоците досега. Сите спомени добија звук, музичка поткрепа, а „Дансинг салата“ се преполни со добри вибрации. Дури и членовите кои долго време не свиреле и не настапувале, понесени од атмосферата, дадоа се од себе концертот да звучи уникатно и неповторливо
Зад нас е четвртиот голем концерт на групата „Меморија“ во последниве десетина години. За мала музичка сцена како македонската тоа е рамно на подвиг. Но, по се изгледа кога работите во свои раце ги зема Петар Георгиевски-Камиказа зборот „невозможно“ не постои!
Првиот подвиг се случи на 18 ноември 2017 година во „Метрополис“ арена во Скопје, која за жал веќе не постои, како и Скопски саем, кога првпат по многу години повторно прозвучеа песните на „Меморија“, што публиката хорски ги пееше заедно со членовите на бендот. За многумина, според возбудата и спонтаноста на сите музичари и на сите оние кои таа вечер ја преполнија салата, ова, како и секоја премиера, беше најавтентичниот концерт.
Следеа концертите во СРЦ „Борис Трајковски“, во 2022 и 2024 година, два големи залаци и за пејачи и групи кои буквално живеат од музика. Тоа не беа само настапи, туку ревии на гости од нашата естрада. Се разбира и тогаш публиката со Апостол Икономов-Поце и со Ристо Самарџиев, од збор до збор, ги пееше познатите хитови на групата.
Синоќа, пак, во МКЦ во Скопје се случи четвртиот концерт на „Меморија“, кој на местото каде што започна оваа музичка приказна, која трае повеќе од 40 години, ги обедини, верувале или не, речиси сите членови на групата, од почетоците досега. Имаше неколку оправдани отсуства, од здравствени и други причини.
На прес-конференцијата, неколку дена пред концертот, во МКЦ дојдоа дваесетина пејачи и музичари кои биле дел од групата. Секој кажа збор-два за своето искуство, за настаните, концертите, патувањата, анегдотите, па и за понекоја караница….
Вчеравечер сите спомени добија звук, музичка поткрепа, а „Дансинг салата“ во МКЦ се преполни со добри вибрации. Дури и членовите кои долго време не свиреле и не настапувале, понесени од атмосферата, дадоа се од себе концертот да звучи уникатно и неповторливо.
Во улога на пејачи беа: Апостол Икономов – Поце, чиј глас може да се мери со оние на најголемите светски ѕвезди, Александар Стефановски – Јаблан, чиј музички стаж е долг како и оној на македонската рок сцена, Ристо Самарџиев, мајсторот за анимација на публиката на концертите. Овојпат, дали од возбуда, тој го заборави текстот на песната „Дирлада“, се разбира публиката веднаш помогна, и токму овој момент му го даде белегот на спонтаност на концертот, а Драган Василевски се потсети на дамнешните денови со бендот. За бас гитарата беше задолжен само лидерот на групата Петар Георгиевски – Камиказа, кој исто така кажа и по некоја кратка приказна за секоја песна и за секој член на групата. Гитарите прозвучеа моќно во рацете на извонредните: Димитар-Мичо Божиков и Рубин Димкоски. Уживавме во нивните „гитарски жешки муабети“, од кои и жици пукаа, а секако на нивно на задачата, како во старите добри денови беа и: Петар Димовски, Ристо Ицо Јовковски, Игор Атанасовски – Гуру Харе, кој имал само 15 години кога првпат настапил во бендот и Душан Трпковски – Ринго, кој како и останатите уживаше додека свиреше. Тапанот прво го затресе нашиот колега, Антонио Димитриевски, долгогодишен член на групата, а потоа продуцентот Мите Димовски, покажа дека е и одличен музичар. На клавијатури свиреа: Дејан Миновски и Алекандар Хаџипаунов, Нинослав Нино Бошњаковски и некогашниот и сегашен член Давор Јордановски, кој поради „Меморија“ веќе неколку години живее на релација Канада- Македонија.
Цело време додека траеше концертот на големи лед екрани се менуваа фотографии од групата, како и годината кога е создадена некоја од песните. Цели два и пол часа траеше овој музички времеплов, салата беше полна, а публиката претежно ја сочинуваа врсници на музичарите што настапија, односно генерациите што растеа со нивните хитови. Имаше и млади луѓе, кои исто така ги знаеја сите хитови. Слушнавме и некои постари песни, кои овојпат прозвучеа со нова енергија.
Цврстиот звук, доброто озвучување, расположените музичари, чие лице е озарено додека се на сцена, публика што ги знае напамет сите песни – тоа беше формулата за убавата вечер.
И се реда „Нена“, „Одам засекогаш“, „Жорж“, „Среќна нова година“, „Бејби, бејби донт крај“, „Илјада песни“, легендарните „Оган под ѕвездите“и „Зошто боже„, „А ти каде си“, „За тебе“, „Јано, Јано“ на „Триангл“, па во тој манир ја слушнавме и „Smoke on the water„ на „Дип парпл“, „Сите мои слики“, „Снежо, Снежана“, химната на многу гимназијалци „Само за добро нека е“, „Дирлада“, песната „Македонија“…..На бис уште еднаш беше запален „Оган под ѕвездите“, по што сите дваесетина учесници на концертот беа испратени со заслужен аплауз.
Веројатно и подготвките и сцени од овој концерт на „Меморија“ ќе бидат дел од документарецот за групата што се снима, а како во новата 2026 година ќе звучи бендот ќе слушнеме на новата плоча што се подготвува. А дотогаш ќе ги потпевнуваме бројните хитови на групата кои се врежани во нашата колективна меморија.







































