Политичарите од Хрватска и од Босна и Херцеговина продолжуваат да носат деструктивни одлуки, од кои граѓаните во двете соседни земји ќе бидат губитници
Односите меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска се на несигурни основи, откако хрватскиот парламент ја усвои Декларацијата за состојбата на Хрватите во БиХ. Како одговор од Сараево се најавува усвојување на резолуција со која Загреб би се повикал да го разгледа „воведувањето на концептот на конститутивност на Србите и Бошњаците во Уставот во Хрватска“.
Предлагачите на резолуцијата се повикуваат на официјалните лица на Хрватска, кои инсистираат на моделот на конститутивност како на „единствен што обезбедува права за колективитетите и избор на легитимни претставници“. Со резолуцијата се предлага и воведување на повеќечлено претседателство наместо институцијата претседател на Република Хрватска, во кое би биле избирани легитимни претставници на Србите и на Бошњаците, пишува „Дојче веле“.
Оваа препорака е втемелена на заштита на егзистенцијалните права на малцинствата, имајќи ја предвид нејзината загрозеност, тргнувајќи од фактот дека Србите и Бошњаците во 1991 година изнесуваа над 13 отсто од вкупното население на Хрватска, а денеска тој процент е сведен на пет проценти, се наведува во текстот на предлог-резолуцијата.
Пратеникот во парламентот на БиХ и член на Социјалдемократската партија на БиХ, Саша Магазиновиќ, во интервју за БХ радио 1 нагласува дека со резолуцијата се испраќа порака дека институциите на БиХ нема да преминат преку мешањето на Хрватска во креирањето на внатрешните политички односи во БиХ. Тој смета дека Хрватска со своите постапки потврдува дека не ги гради добри односи со БиХ.
– Доколку на Хрватска ѝ значеа добрососедските односи со БиХ, немаше да гради депонија на нуклеарен отпад на границата со БиХ. Да беа добри односите, Хрватска правично би ги обештетела општините во Ливајскиот кантон за користењето на езерото. Да имавме добри односи, ќе имавме и утврдени граници. Хрватска кон БиХ се однесува туторски. БиХ е членка на Обединетите нации и нејзе никој не може да ѝ ги крои политиките однадвор – вели Магазиновиќ.
Политичкиот аналитичар од Сараево, Аднан Хускиќ, смета дека парламентот на БиХ нема основа да бара од Хрватска да воведува концепт на конститутивност на Србите и на Бошњаците.
– Ова барање би имало основа доколку Хрватска е онаа истата од 1991 година, тогаш може евентуално да се зборува за конститутивен статус на Србите – вели Хускиќ.
Тој потсетува дека денес речиси и да нема Срби во Хрватска и затоа резолуцијата со која се бара воведување на концептот на конститутивност на Србите и на Бошњаците е само обид да ѝ се испрати политичка порака на Хрватска.
– Не е добар ни обидот на ХДЗ од Хрватска да ги инструментализира европските институции. Нам ни е потребна конструктивна улога од Хрватска, која, за жал, во овој момент ја немаме. Резолуцијата не е добро решение и потребно е да се работи на намалување на тензиите меѓу двете земји – вели Хускиќ, кој ја критикува и декларацијата усвоена од парламентот на Хрватска.
Новинарот од Мостар, Емил Караматиќ, вели дека во Република Хрватска нема политичари што се способни за создавање позитивно опкружување, како што ги нема и во БиХ.
– Единствена цел на ваквите лоши одлуки е создавање среќни политичари во несреќно опкружување. Ако се читаат и декларацијата и резолуцијата, нивната суштина е нарушување на добрососедските односи. Политичарите од Хрватска и од Босна и Херцеговина живеат во убедување дека со градењето добри односи не се останува на власт – вели Караматиќ, за „Дојче веле“.
Граѓаните на двете земји, според него, нема да имаат никаква корист од таквите политички игри, а со деструктивните одлуки од двете страни сите ќе бидат губитници, а времето ќе биде залудно потрошено.