Четврти столб: Стручно образование и обука (СОО)

Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (7)

  • Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме седмото продолжение

Во приоритетната област „Средно стручно образование и обука“, нацртот (НСО 2026-2032) се фокусира на зголемување на релевантноста и приспособливоста кон пазарот на трудот, градење напредни дигитални и зелени компетенции, јакнење на капацитетите на наставниците за планирање индивидуализирани патеки и признавање на претходното учење, инвестиции во физичка и дигитална инфраструктура и мобилност.
Мојата констатација е дека стручното образование и обука (СОО) во Република Македонија претставуваат механизам за поврзување на младите со пазарот на трудот, зајакнување на конкурентноста на економијата и потикнување на социјалната кохезија. Во целост се согласувам дека во време на брзи технолошки промени, климатски предизвици и глобална нестабилност, потребата од квалификувана, адаптивна и мобилна работна сила е поголема од кога било.
Системот на стручното образование и обука (СОО) е регулиран со јасно дефинирана законска рамка и концепциски документи што обезбедуваат усогласеност со европските стандарди и принципи на квалитет. Основните нормативни акти ги вклучуваат: Законот за стручно образование и обука, Законот за средно образование и Законот за Националната рамка на квалификации (НРК), како и подзаконски акти и упатства за примена на ЕЦВЕТ кредити и модуларни, компетентски курикулуми… Националната институционалност на СОО е широка, со надлежности на МОН, Центарот за развој на СОО, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, стопанските комори и слично. Од 2020 година се воспоставени регионални центри за стручно образование и обука (РЦСОО). Како РЦСОО се формирани и назначени седум стручни училишта, а нивната реална функционалност е ограничена.

Главните причини за тоа се: неусогласените подзаконски акти и уредби, кои се неопходни за дефинирање на нивната улога, надлежности и модели на финансирање, недоволната техничка и технолошка опременост на сите центри, што го ограничува капацитетот за обезбедување совршена практична обука, недостигот од стручен кадар – особено за новите надлежности на центрите што се поврзани со услуги што го надминуваат нивното функционирање само како средни стручни училишта, како и недоволните менаџерски капацитети на раководниот кадар на РЦСОО, особено за истражување, развој и иновации, вмрежување и меѓународна соработка. Овие ограничувања го попречуваат исполнувањето на нивната основна функција – да бидат регионални хабови за стручно образование, обука и преквалификација, кои ги поврзуваат училиштата, индустријата на регионално и локално ниво, како и локалните заедници.
Со Законот за СОО, кој стапува во 2025 година, како што стои во нацртот (НСО 2026-2032), се направени значајни чекори кон модернизација на СОО и неговото усогласување со европските стандарди. Тоа вклучува зголемен обем на практично образование, дефинирање на концептот и воведување дуално образование, воспоставување и функционирање на регионалниот центар за стручното образование и обука, задолжителен координатор за практично образование во секое училиште, како и воведување систем за квалитет (самоевалуација и надворешна евалуација). Со измените на Законот за средно образование од 2025 година се воведува стручна матура, со што се обезбедува подобра препознаеност на стекнатите дипломи во стручното образование и обука и подршка на проодноста кон повисоките степени на образование.

Овие мерки имаат цел да обезбедат релевантност на програмите, подобра усогласеност со потребите на пазарот на трудот и зголемената атрактивност на стручното образование за младите. Преку работата на регионални ЦСОО, системите за обезбедување квалитет би го поддржале развојот на нови модели на образование и би ја забрзале модернизацијата на системот за СОО. Во контекст на зелената и праведната транзиција, неопходно е развивање флексибилни и компетентно базирани курикулуми за зелени вештини, како и воведување модуларни програми и микроквалификации за брзо стекнување знаења што се барани на пазарот. Паралелно, потребно е креирање програми за преквалификација и доквалификација на работници од ранливи сектори, со цел да се обезбедат инклузивност и конкурентност на работната сила. Регионалните центри за стручно образование и обука имаат клучна улога во реализацијата на овие приоритети.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор

продолжува