Народните традиции и култови во Овче Поле

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

По ослободувањето на соседните држави од османлиското владеење во 19 век, нивните обиди за грчко, бугарско и српско влијание на територијата на Македонија и врз македонскиот народ станале почести, безмилосни и многу упорни. Уште во книгите и списанијата од тој век може да се забележи дека „границата помеѓу Грција и Србија се наоѓала на бакарното гумно во Овче Поле“, „во Овче Поле била првата бугарска престолнина Плиска“, „на Овче Поле се наоѓала првата српска света гора“ и така натаму. Историските услови за кои имаме податоци од достапните извори на литературата прикажуваат информации за стратегиското значење и воената важност на Овчеполието уште во антиката, преку средновековието, па сè до Балканските војни. Дури и меѓу двете светски војни и за време на окупацијата во Втората светска војна, Србија и Бугарија не престанувале со обидите да го „побугарат“ или да го „посрбат“ големото и плодородно Овчеполие.
Текстовите во кои пишува дека црквата „Свети Никола“ и населбата Свети Николе биле направени од Милутин или од син му Стефан немаат никаква историска поткрепа, затоа што кога тие го освоиле Овчеполието, црквата „Свети Никола“ веќе постоела, а населбата околу неа живеела. Истото важи и за тврдењата, според кои, при градењето бели цркви од Борис векови претходно, била направена црквата „Свети Никола“, па потоа се создала населбата. И за тоа време постојат податоци дека пред да се случи покрстувањето од Кирил и Методиј, во Овче Поле веќе имало разурнати цркви, а тогаш била обновена старата Овчеполска епископија.
Споменувањето на култот кон водата од Овче Поле, која го враќа видот, и прогледувањето на Стефан Дечански, спомените за бакарното гумно во Овче Поле, народните традиции и обичаи, култот на плодородноста на Говедаровиот Камен, почитувањето на пустиножителите Прохор Пчински, во чие житие пишува дека родителите му биле од Овче Поле, Иван Рилски, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски се само потврда за живата македонска традиција, која се одржала во Овчеполието со векови.
И ден-денес, луѓе од цела Македонија, но и од соседните земји доаѓаат во Овчеполието за да си „измијат очи“, за да „сплетат конци“ и да го обиколат Говедар Камен, пристигнуваат во Овче Поле да ги посетат старите цркви и манастири, но и дрвјата од кои истекува вода, за кои народот верува дека се свети и лековити.
Современи научници од соседните земји веќе детално обработиле дел од познатите стари верувања и култови, а пишувале и за поврзаноста со небесниот свој и „шаманските“ значења на ниската Овчеполска Котлина. Располагам со податоци за пет објавени различни легенди за Говедаровиот Камен, уште толку преданија и извори што говорат за мистичното бакарно гумно, кое се наоѓало некаде во Овчеполието, и речиси десет различни легенди и преданија за „ослепувањето“ и „прогледувањето“ на неколку владетели во и околу Овчеполието.
Сакралната вредност на мистичното Овче Поле ги одржала митот и битот на поднебјето низ вековите од минатото, древната сила се препознава и во сегашноста, а ќе влијае и на иднината. Значењето на Овчеполието како простор на плодородноста води корен од многу стари времиња и е потврда за сакралното значење на големиот Овчеполски Регион.
„На Овче Поле Овчарот се грижи за своите јагниња…“. „Змејот ќе тргне по реката Таен Рај во Овче Поле“. „Кога дедо Боже ја создавал земјата, одел со една торба полна камења и земја. Таму каде што ќе фрлел камења се создавале планини, а таму каде што ќе расфрлал земја, пространи рамници како Овче Поле…“.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)