Човекот никогаш нема да разбере како настанале вселената, галаксиите, ѕвездите, планетите… сето она што некаде над нашите глави функционира во еден перфектен ред и хармонија, без никакви отстапки и аномалии. Големата експлозија, теориите за настанокот на небесните тела, на црните дупки, на кометите се само обид научно да се објасни она што здравиот разум не може да го сфати, а во моментот кога и науката ќе дојде до последната математичко-физичка формула, тогаш и научниците креваат раменици и одговараат дека сè понатаму е Бог. Немаат објаснување.
Сепaк, она што сите го разбираме, бидејќи така е поставена целата вселена и тоа го гледаме и во природата и низ животните пракси, е циклусот. Тој циклус подразбира нешто да се создаде, да функционира, за потоа да се повлече, да го снема. Така функционираат целиот универзум, небесните тела, природата, луѓето, апаратите…
Но очигледно за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, овие природни закони не важат, за него е предодредена вечноста, имa почеток, ама нема крај. Имено, по изборниот пораз, кој преку разни калкулантски математики неговите блиски пулени се обидуваат да му го претстават како победа, логично беше човекот да им го отстапи своето место на младите и да отвори простор за реформи во партијата. Тоа го прават сите политичари што се свесни дека нивниот политички кредит е потрошен, нивните идеи се анахрони и повеќе не наидуваат на плодна почва кај гласачите, а меѓународните релации веќе одамна не се такви какви што некогаш биле. Последниот партиски конгрес на кој Ахмети беше реизбран на лидерската позиција, само покажа дека внатрешната борба меѓу интегративците за челната позиција ќе продолжи и натаму, а изборот на Ахмети не може да се разбере никако поинаку, освен како алатка за да се спречи брз распад на ДУИ, имајќи ги предвид тенденциите за напуштање на блокот, кој очигледно тоне.
А кога не може нешто реално да понуди пред своите гласачи, истовремено сакајќи да го одбегне одговорот на нивното прашање зошто по две децении владеење ги направи уште посиромашни, го забрза нивното иселување, тој почнува да продава повторно етничка демагогија.
Сега одеднаш нуди планови на три столба, иако сиве овие години ни плитко темелче не стави на некој проект за водовод, канализација, градинка или училиште онаму каде што раководеше. Е сега на тие три столба ќе ја структурирал идната Македонија, демек на тој начин ќе се зајакнела унитарноста. Јасно им е и на она малку врапчиња што останаа во државава дека Ахмети рециклира стари идеи што не значат ништо друго туку федерална држава со устројство полошо и од Босна, со намера државата едноставно да не функционира. Тој и натаму сака да биде архитектот што ќе одлучува кој закон може, а кој не може да помине, кој тендер да го лапнат, која институција да ја дозадолжат, да го парализира и онака неажурното судство, да ја опструира работата на Собранието, во кое за време на сите мандати едвај да се имаше појавено неколкупати, но го имаше секогаш кога се носеа одлуки што значеа разнебитување на државата. И не само во Собранието, знаеше да отпатува и до Атина и Софија, да им каже на тамошните пријатели дека тие се за Европа, ама ова Македонциве никако да ја видат пошироката слика.
Неговиот реизбор на лидерската позиција е потврда дека стравот од отворањето на Хашките случаи е голем, а кога некој е устоличен на ваква функција, може лесно да се повикува на политички реваншизам, да се претставува како жртва, да глуми некаков фактор во државата, да нуди нови историски договори и слично. Едно е сигурно, по секој историски договор Македонија страдала, така што не ѝ е потребен никаков нов историски договор, туку работа и реформи, нешто што очигледно за ДУИ е крајно неприфатливо. Зошто работа и реформи кога може да се игра мал фудбал по канцеларии, да се пуши и пее, да се прославуваат приватни родендени во државни институции, зошто поштата да разнесува пратки, зошто да возат возови, кога сè може да не се гледа во зачмаената интегративна магла.
А што всушност Ахмети требаше да направи ако го следеше космичкиот циклус што важи и во политиката? Прво, да се повлече од лидерската позиција и да им го отстапи местото на млади луѓе што имаат некаква идеологија, кои во Македонија ќе гледаат земја на сите граѓани, без етнички поделби, кои ќе нудат програми и кандидати за сите граѓани и ќе работат во интерес на сопствената држава, а не на некои други одоколу. Второ, ќе беше најдоблесно истиот тој Ахмети да излезеше и јавно да се соочи со сите обвиненија за воени злосторства. Ако му е чиста совеста, тогаш нема зошто да се грижи. Впрочем, процесите ги води Хашки трибунал, таму има врвни судии и обвинители, а не како некои наши тука.
Несомнено Ахмети веќе нема што да понуди на македонската политичка сцена, едноставно се потроши уште тогаш кога ја ребрендираше ДУИ во зелена партија. Дури да останеше со зелената агенда можеби и ќе беше подобро за него. Тој како политичар е на залез на својата кариера, а оној што е на залез не може да понуди никаква нова и силна енергија за да се придвижат работите. Уште помалку да креира некакви нови историски договори.
Да, сите во оваа земја сме пред историски договор, но тој договор е да ја направиме Македонија поубаво место за живеење. А тоа ќе го направиме така што сите ќе притискаме да се прават реформи, да се нудат решенија, проекти, да добиваме подобри здравствени и образовни услуги, административните работи да ни се сведат на еден клик на мобилниот телефон или компјутер, без досадните шалтери и известувањата од типот „Пауза“. Да притискаме да имаме чист воздух, развиена инфраструктура, да бараме процесите и реформите да ги водат најспособните без оглед на етничката и партиската припадност, да се држиме сплотени бидејќи само така сите овие работи ќе бидат можни. На Ахмети на последните избори му беше испратена таква порака, дека на граѓаните им е доста од етнички теми, тензии и закани, сите сакаат успешна држава и иднина.
Неговиот збор повеќе нема никаква тежина оти опашките што ги влече зад себе од дводецениското владеење се толку долги што оддалеку се гледаат. Ги гледаат и оние што на конгресот ја кренаа раката за негов избор, но не затоа што веруваат во него, туку затоа што се свесни за неговиот брз политички крај. Впрочем, вселената предодредила секој процес да има свој циклус, прво да оди нагоре, па потоа да паѓа надолу. Тоа е законот на природата. Политичкиот циклус на Ахмети веќе се движи надолу.































