Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кампања на „Нова Македонија“ за превенција од употреба на петарди, прскалки и на други потенцијално опасни пиротехнички средства

  • Дури и професионалните пиротехничари понекогаш се повредуваат ракувајќи со пиротехнички средства. Имено, ракувањето со пиротехнички средства секогаш носи одреден ризик од повреда, кој е поголем ако лицето е помалку вешто. Најдобриот начин да се избегнат повреди е воопшто да не се користи пиротехника!

Наближуваат новогодишните празници, период во кој луѓето се опуштаат и го прославуваат почетокот на новата година на најразличен начин. Но она на што со години укажуваат експертите, било од безбедносниот или од здравствениот сектор сеедно, е опасноста од користење пиротехнички средства. Со години повредите предизвикани од разни пиротехнички средства оставаа сериозни последици за десетици илјади луѓе низ целиот свет. Фактот дека поголемиот дел од повредените се млади луѓе, а децата под 16 години сочинуваат речиси половина од повредените, е особено загрижувачки.
Анализите на медицинските стручњаци укажуваат дека повеќе од половина од повредите предизвикани од пиротехнички средства се изгореници, првенствено на лицето, прстите и рацете. Високо на листата на чести повреди се повредите на очите, првенствено изгореници на рожницата, но и механички оштетувања предизвикани од туѓи тела што паѓаат во окото (делови од петарди, прскалки, прашина), што може да предизвика делумно или целосно губење на видот. Проблемите со слухот исто така се чести и можат да се движат од моментална глувост и зуење во ушите до оштетување на тапанчето и оштетување на слухот од различен степен, понекогаш трајно. Дополнително, експлозивниот ефект на пиротехничките средства може да предизвика делумна или целосна ампутација на еден или повеќе прсти.
Анализите покажуваат дека секоја втора повреда е предизвикана од несоодветно ракување со пиротехнички средства (невнимателно ракување, непочитување на писмените упатства за употреба и несоодветен транспорт и складирање), додека неисправната пиротехника е причина за секоја трета повреда.

Најчесто се повредуваат момчиња на возраст од 10 до 14 години

Истражувањата утврдиле дека мажите се повредуваат трипати почесто од жените, обично поради несоодветно ракување со пиротехнички средства, додека жените најчесто се повредуваат на јавни места и настани од пиротехнички средства активирани од некој близок до нив. Поради неправилната употреба на петарди, најчесто се повредуваат момчиња на возраст од 10 до 14 години, додека младите луѓе на возраст од 20 до 24 години се најчестите посетители на службите за итна медицинска помош поради невнимателно и неправилно ракување со различни видови огномет.
Експертите од оваа област со кои се консултиравме укажуваат на крајна внимателност, што го поткрепуваат со фактот дека дури и професионалните пиротехничари понекогаш се повредуваат. Ракувањето со пиротехнички средства секогаш носи одреден ризик од повреда, кој е поголем ако лицето е помалку вешто. Најдобриот начин да се избегнат повреди е воопшто да не се користи пиротехника!
Како потврда на сознанието дека никој не е поштеден од опасноста, во истражувањата се укажува дека речиси 40 отсто од сите повреди се случуваат кај луѓето од страна што само го набљудуваат користењето пиротехнички средства. Многу од овие повреди се предизвикани од пепел, искри и чад што им влегува во очите. Затоа важи упатството за луѓето што поставуваат и палат огномет дека треба да носат очила за да ги заштитат очите од експлодирачки честички.
Но она што е уште поопасно е фактот дека повеќето пиротехнички уреди содржат барут што предизвикува експлодирање на овие уреди. Пиротехничките средства од класата Ц (на пр. петарди) се легални во многу држави и содржат до 50 милиграми барут. Сите пиротехнички средства што содржат големи количества барут може да се споредат со експлозивни направи – бомби.
Затоа и експертите укажуваат дека треба да се биде крајно внимателен ако случајно се наиде на неексплодирани огномети. Во такви случаи треба веднаш да се контактира со локалната полиција или се противпожарна служба. Никогаш не обидувајте се повторно да запалите неисправен огномет, опоменуваат експертите.

Да ги заштитиме децата пред сѐ!

Петардите се неоспорен ризик, бидејќи содржат експлозивни материјали што можат да предизвикаат повреди, материјална штета, па дури и пожари. Користењето петарди на несоодветни места, како што се толпи или во близината на запаливи материјали, може да доведе до сериозни несреќи. Потребно е внимателно да се ракува со нив и да се следат безбедносните упатства.
Адолесцентите никогаш не треба да ракуваат со петарди без надзор од возрасни, а помладите деца никогаш не треба да ракуваат со нив! Експлозивната природа на овие уреди бара одговорна и внимателна употреба за да се спречат несреќи и повреди.
Во анализата се укажува на уште еден факт што многумина го превидуваат. Имено, родителите честопати сметаат дека прскалките се безопасна забава за децата, но треба да се има предвид дека со нив мора внимателно да се ракува бидејќи можат да предизвикаат сериозни повреди, особено кога станува збор за деликатната кожа на децата. Во зависност од составот и големината, некои видови прскалки можат да развијат екстремно високи температури, до 1.000 Целзиусови степени, или да бидат десет пати потопли од врела вода или од масло во тава.
Ако не се користат правилно, можат да предизвикаат многу сериозни изгореници (најчесто на лицето, прстите и рацете, но и на други делови од телото), кои бараат итна медицинска помош и можат да остават долгорочни последици. Според истражувањата, само повредите од прскалки сочинуваат повеќе од 25 отсто од посетите на службите за итни случаи поради повреди од пиротехнички средства. Кај деца под пет години, тие сочинуваат речиси половина од сите пиротехнички повреди. Размислете за користење побезбедни алтернативи, како што се светлечки стапчиња, конфети или шарени ленти.

Сериозни последици и за животната средина

Вредно е да се знае дека огнометите содржат перхлоратни честички, кои се мешаат со вода и можат да доведат до контаминација на водните површини, а исто така минуваат низ почвата и можат да ги контаминираат подземните води. Петардите се направени претежно од материјали што се само делумно биоразградливи. Овие материјали не се распаѓаат и полека ја загадуваат почвата, претставувајќи сериозна закана за плодноста на почвата каде што паѓаат. Хемикалиите и другите метални супстанции во пиротехниката исто така навлегуваат во почвата и можат да создадат трајни оштетувања и загадување на почвата.
Кога горат петардите, тие ослободуваат големо количество мали отровни честички што лесно навлегуваат во белите дробови и можат да ги оштетат респираторните органи. Чадот од петардите содржи сулфурни соединенија, тешки метали и други токсични супстанции и штетни гасови како што се сулфур диоксид, озон итн. Луѓето што имаат астма и други проблеми со дишењето се особено изложени на ризик. Во денешно време кога глобалното затоплување е сериозна закана за човештвото, јаглерод диоксидот, озонот и другите гасови со „ефект на стаклена градина“ што ги испуштаат петардите имаат големо негативно влијание врз нашата атмосфера.
Дополнително, на улиците и патиштата, тие можат да доведат до намалена видливост и да го зголемат ризикот од сообраќајни несреќи. Исто така, чадот од пиротехничките средства може да предизвика чувство на недостиг од воздух и задушување кај возачот, а со тоа и губење на концентрацијата при возење.
Бучавата предизвикана од нивната употреба предизвикува вознемиреност кај особено чувствителните групи на населението – мали деца, постари лица и болни сограѓани, а ненадејниот шок или траума поради силен интензитет на звук може да биде опасна по живот!
Децата од аутистичниот спектар реагираат различно, обично многу бурно, на стресорите од животната средина. Најчестиот симптом на децата со аутизам е всушност екстремната чувствителност на бучава. Секојдневните звуци можат да предизвикаат екстремна болка, напади на врескање и вознемиреност.
Децата со аутизам реагираат на многу потивки звуци и го доживуваат звукот на петарди и огномет како напад. Непредвидливите и вознемирувачки ситуации најмногу ги вознемируваат, а нивните реакции ќе бидат различни. Кај некои аутистични лица, неочекуван настан како петарди или огномет може да предизвика вознемиреност и стрес што може да трае многу долго, дури и неколку часа.
Анализите покажале и дека секоја година, илјадници домашни миленици, претежно кучиња и мачки, се повредени или умираат од повреди или срцеви удари поради стресот предизвикан од пиротехнички средства. Без оглед на тоа дали имате домашно милениче и дали ги сакате животните или не, воздржете се од фрлање петарди и активирање други пиротехнички средства во нивна близина! Р.Н.М.


Како да реагираме доколку се соочиме со лице што се повредило од употреба на пиротехнички средства?

Ако и покрај сите укажувања и опомени сепак дојде до употреба на пиротехнички средства што ќе резултира со нечија повреда, неопходно е да се почитуваат упатствата на стручните лица. Во зависност од видот и сериозноста на повредата, можете да преземете одредени чекори за да му помогнете на повреденото лице.
Како што веќе напоменавме, најчести повреди од пиротехнички средства се изгореници. Во случај на изгореници, потребно е да се почитуваат препораките што следуваат во продолжение.
– Доколку има изгореница, оладете го изгореното место што е можно поскоро!
– Доколку има мала изгореница, ставете ја под млаз ладна вода или ставете ладни влажни облоги врз неа, никогаш мраз!
– Оладете го изгореното место додека болката не престане (10-20 минути).
– Покријте ја изгореницата со стерилна газа за да спречите понатамошна инфекција!
– Можете да земете лек против болки, според упатствата на производителот!
– Доколку станува збор за посериозна изгореница, никогаш не соблекувајте ја насилно облеката што се залепила за изгорената кожа, туку сечете го материјалот околу раната или кинете го на шевовите!
– Не допирајте го изгореното место и не дупчете ги добиените плускавци!
– Во случај на потешки изгореници што зафаќаат поголема површина од кожата, како и изгореници на бебиња или мали деца, задолжително побарајте медицинска помош!
– Во случај на длабоки исеченици или кинење прсти и други делови од екстремитетите, задолжително побарајте стручна помош!
– Додека не е достапна медицинска помош – обидете се да го запрете крвавењето, покријте ја раната со стерилна газа и подигнете го повредениот дел од телото, а скинатиот дел ставете го во чисто ќесе или завиткајте го во стерилна газа и ставете го на мраз.
– Во секој случај, побарајте медицинска помош што побргу!


Регистриран нов загрозувачки тренд како предизвик кај младите

Опасни игри со петардите

Здравствените работници што имале непријатни искуства со последиците од користење пиротехнички средства упатуваат на крајна внимателност. Тие посочуваат дека не страдаат само оние што фрлаат петарди туку и оние што се во близина. Наведуваат примери од праксата, според кои имало безброј случаи што биле и бизарни и необични, за кои ако немало сериозни физички повреди, не можеле ни да веруваат дека нешто такво се случува. Па така, укажуваат на примери од детски игри – кој може најдолго да држи петарда во уста, кој може да стави петарда во нечиј џеб. И, секако, околината страда ако тие полнежи се големи, ако тие петарди се силни. Фрлањето петарда од некое дете директно кон неговите пријатели или кон некого во близина, честопати резултира со оштетување на слухот, додаваат лекарите. Р.Н.М.