Фото: Училишна архива

Одбележан еден век постоење на ОУ „Климен Охридски“ во Миравци, Гевгелиско

Во Домот на културата во Миравци, крај Гевгелија, под мотото „Век, светлина, знаење…“, деновиве се одржа свечена академија посветена на стогодишнината од основањето на основното училиште „Климент Охридски“.
Настанот се одржа во рамките на програмата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“ и беше проследен од голем број ученици, родители, поранешни и сегашни наставници, претставници на локалната самоуправа и на Советот на Општина Гевгелија, како и жители на селото.
На почетокот директорката Каролина Димитрова имаше поздравно обраќање, во кое со гордост истакна дека училиштето е жив сведок на еден век труд, знаење и љубов кон образованието.
Во рамките на богата културно-уметничка програма премиерно беше претставена новата училишна химна подготвена од наставникот по музичко образование Момчило Делев, а потоа следуваа рецитал, литературни точки, драмски изведби, рецитации, танц, како и фолклорната точка насловена „Сплет на генерациите“, која ја симболизираше поврзаноста меѓу минатото и иднината на училиштето. Програмата на прекрасен начин ја заокружија училишниот хор, оркестарот и соло-изведбите на учениците од повеќе генерации.
– Свеченото одбележување на стогодишнината претставуваше момент на заедничка радост, гордост и благодарност за улогата на ООУ „Климент Охридски“ во образовниот и културниот развој на Миравци. Настанот уште еднаш потврди дека ова училиште е темел, традиција и иднина на заедницата, место каде што духот на Свети Климент продолжува да живее веќе еден век -велат од училиштето.

Ф.Д.


Химна на училиштето

Училиште, свето е твоето име,
Клименте чесен, учителе драг!
Чуваме почит и спомен за тебе,
ти си наш дом, наш сигурен праг!
Клименте, учителе!
Светлост во животот ни донесе.
Твоето дело го славиме.
За твојот труд, за твојата пот,
благодарам – рече славјанскиот род.
Во срце те носат предците мои,
славејќи те со приказни свои
наставници наши, благодарни сме
за вашиот совет искрен и смел.