Фото: МНР

Деновите кога на унгарскиот премиер Виктор Орбан му беше потребна дозвола од Берлин за да преземе акција се одамна минато, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија и трговија, Петер Сијарто, додавајќи дека Унгарија води политика заснована на национални интереси „која вклучува контакти со Русија“.

– Времињата кога Будимпешта мораше да бара дозвола од Берлин се зад нас. На премиерот на Унгарија не му е потребна ничија дозвола, ниту од Берлин, ниту од Брисел – рече Сијатро, осврнувајќи се на изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека посетата на Орбан на Москва била „без европски мандат“.

Коментирајќи ги критиките за минатонеделниот унгарско-руски самит, Сијарто рече дека ја отфрла, како што наведе, „политиката на прифаќање мала улога“, според која Унгарија не смее да го гледа светот од своја перспектива, туку постојано мора да се „усогласува со некој друг“, пренесува МТИ.

– Оние кои порано се ориентираа кон Москва, сега гледаат кон Брисел и европскиот екстремно либерален мејнстрим – рече Сијарто, додавајќи дека тие кругови имаат „опсесивна потреба“ да се усогласат со ставовите што доминираат во Западна Европа.

Напротив, унгарската Влада води политика заснована исклучиво на национални интереси, што вклучува постојани контакти со Русија, рече шефот на унгарската дипломатија.

– Не можеме да си дозволиме да ги прекинеме дипломатските канали со земјата од која добиваме голем дел од нашите енергетски резерви, а која, без разлика дали некому му се допаѓа или не, останува важен фактор во европската и глобалната безбедност – истакна Сијарто.

Реагирајќи на изјавите на лидерот на Европската народна партија (ЕПП) Манфред Вебер дека унгарската Влада е сè повеќе изолирана, додека лидерот на опозициската партија Тиша, Петер Маѓар, „би ги отворил вратите на Европа“, Сијарто процени дека тоа би „ги отворило вратите за мигрантите и би ја турнало Унгарија во војна“.

Тој додаде дека оние кои, како Вебер, „не се добредојдени на ниту едно сериозно место“ не можат да зборуваат за изолација, додека унгарскиот премиер зборуваше во Вашингтон и Москва за еден месец.

Шефот на унгарската дипломатија заклучи дека „европската провоена елита е многу фрустрирана“, бидејќи стана јасно дека „политиките од изминатите години не успеаја“ и ја оставија ЕУ без влијание врз решавањето на конфликтите на континентот.