Фото: ЕПА

Силна порака од претставници на македонското малцинство од Бугарија и од Албанија на 18-та сесија на форумот за малцински прашања на Обединетите нации во Женева

  • Бидејќи Европската Унија ги остави малцинските права на милост и немилост на националните држави, тоа де факто се претвори во „европски благослов за политиката на негирање, асимилација и дискриминација кон едно малцинство во рамките на Европската Унија“. Проблемот со македонското малцинство во Бугарија и политиката што ја води Софија создадоа конфликт со Македонија и ја блокираа нејзината евроинтеграција, загрозувајќи ја регионалната безбедност, порача професор д-р Стојко Стојков пред учесниците на форумот

Претставниците на Македонците од Бугарија и од Албанија со свои говори учествуваа на 18-та сесија на форумот за малцински прашања на Обединетите нации, кој се одржува во Женева. Професорот д-р Стојко Стојков пред учесниците на форумот нагласи дека тој е Македонец од македонското малцинство во Бугарија, кое денес се бори за основно признавање на своето постоење.
– Откако официјално бевме признаени како малцинство во Бугарија и уживавме некои права, подоцна бевме прогласени за непостојни, прогонувани како предавници и асимилирани. И денес во демократска Бугарија нашето постоење останува негирано – со политика утврдена со две парламентарни декларации и една одлука на Уставниот суд – рече Стојков.
Ова, според него, резултираше со стотици судски одлуки, кои го толкуваат секое тврдење дека македонското малцинство постои како закана за нацијата, државата и безбедноста. Поради тоа, не постои регистрирана партија или организација на македонското малцинство, без оглед на 14-те пресуди во Европскиот суд за човекови права против Бугарија, потсети Стојков.
– Самото наше постоење го крши официјалниот наратив и се дочекува во медиумите и општеството со говор на омраза, прикажувајќи ги Македонците како национални предавници, странски агенти и непријатели, морални дегенерици и ретардирани. Таквиот говор е нормализиран и никогаш не се казнува.
Сето ова го исклучува малцинството од општествениот и политичкиот живот – тоа не може да се претставува себеси, ниту некоја друга партија се осмелува да се залага за правата на Македонците – вели тој.

Македонците во Бугарија немаат малцински права, а државата ги отфрла
обидите за дијалог

Стојков пред учесниците на форумот нагласи дека Македонците денес немаат никакви малцински права во Бугарија, а државата отфрла секаков обид за дијалог со нив, и покрај сите препораки на институциите за човекови права.
– Бидејќи Европската Унија ги остави малцинските права на милост и немилост на националните држави, тоа де факто се претвори во европски благослов за оваа политика на негирање, асимилација и дискриминација кон едно малцинство во рамките на Европската Унија. Проблемот со македонското малцинство во Бугарија и политиката што ја води Софија создадоа конфликт со Македонија и ја блокираа нејзината евроинтеграција, загрозувајќи ја регионалната безбедност. Сето тоа придонесува за создавање индустрија за корупција од милијарда евра со трговија со бугарски државјанства. Оваа политика против Македонците денес е последната тоталитарна политика во Европската Унија и мора да престане – заврши Стојков.
За ситуацијата со македонското малцинство во Бугарија, во палатата на ООН во Женева се обрати и претставник на „Репресираните Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор“.
– Нелсон Мандела рече дека никој навистина не познава една нација додека не влезе во нејзините затвори, па оваа вистина одекнува кај луѓето што ги претставувам денес. Оваа организација е една од стотиците македонски организации на кои сè уште им се одбива регистрација во Бугарија. Нејзините членови се постари активисти, чие репресирање започна во нивната младост. Во 1963 година, политиката на негирање на македонското малцинство беше првата во серијата преродбени процеси насочени кон асимилација на малцинствата во „единствена бугарска социјалистичка нација“ – порача тој.
Во овој период, македонските млади лица се спротивставуваа на овие агресивни асимилациски политики формирајќи кружоци за проучување на својата историја, пеејќи забранети песни, слушајќи забранети радиостаници и пишувајќи слогани за Македонија на јавни места. Поради тоа беа истражувани од Државната безбедност, затворани, следени, малтретирани и протерувани.
Само оваа недела, лидерот Стојан Герасимов, кој има 77 години, поверува дека е поканет да даде исказ за неговата претставка за геноцидот врз македонското малцинство, но наместо тоа, беше испрашуван од разузнавачката служба три часа и притискан да се изјасни како Бугарин. Тој ме замоли денес да соопштам дека репресијата продолжува – во поинаква, скриена форма – но дека сè уште ги тера луѓето да се плашат да кажат дека се Македонци.
За да се засилат гласовите на малцинствата во процесите на градење мир, одговорност и транзициска правда, мора да има дијалог.
Бугарија останува заглавена, како што е од шеесеттите години, во првата фаза од тагата – а тоа е негирањето. Едно агресивно негирање, кое сè уште ги повторува зборовите на комунистичкиот диктатор Живков дека Македонците „не смеат и не можат да постојат“. И затоа нема дијалог. Оставањето на малцинските прашања на поединечните држави во голема мера зависи од добрата волја на таа држава да дејствува. А Бугарија нема таква волја, особено кога се работи за нејзиното македонско малцинство.
Транзициската правда и помирувањето се можни само ако постои дијалог и затоа бараме поддршка од ООН за конечно да се направи тоа возможно.

Стерјовски укажа на засилената бугарска пропаганда во Албанија

Свое обраќање на форумот имаше и Васил Стерјовски, кој покрај проблемите со кои се соочува македонската заедница во Албанија, ја посочи и засилената бугарска пропаганда во краевите каде што живее македонското малцинство.
Во својот говор, како и на средбата со специјалниот известувач на ОН за прашања на малцинствата, професор Николас Леврат, во седиштето на Обединетите нации во Женева, Васил Стерјовски ги истакна главните предизвици со кои се соочува македонската заедница во Албанија.
Тој посочи дека македонската заедница е автохтоно население што со векови живее во Преспа, Голо Брдо, Гора, Пустец, Поле, Врбник и во поголемите градови низ државата. Македонците отсекогаш биле мирни, лојални и активно придонесувале во сите области на албанското општество.
Меѓу клучните проблеми во Албанија, Васил Стерјовски ги издвои: ограничениот пристап до образование на мајчин македонски јазик надвор од Преспа, нерамномерната застапеност во институциите, недоволните државни инвестиции во регионите каде што живеат Македонци и политичките притисоци и обиди за асимилација од Бугарија.
Васил Стерјовски побара поддршка од ОН за целосен пристап до образование на македонски јазик, фер политичка застапеност и законски гаранции, јавни медиумски програми на македонски јазик, економски развој на регионите каде што живеат Македонците и за заштита од надворешни мешања во нашиот идентитет.
– Нашата цел не е конфронтација, туку еднакви права, достоинство и вистинска заштита според меѓународните стандарди – рече Васил Стерјовски.
Инаку, во текот на следната недела, Комитетот на министрите на Советот на Европа во Стразбур ќе расправа повторно за следењето и спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, односно пресудите што се однесуваат на нерегистрацијата на македонските здруженија и политички партии во Бугарија, за кои Софија отворено се залага за затворање на следењето, сметајќи дека најголемиот дел од барањата се исполнети.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција