Полицијата го расчистува случајот во кој новинарот и публицист Владимир Перев (80) пријави во МВР, а потоа и објави во јавноста дека бил објект на вербален и физички напад од непознато лице во Скопје.
Во колумна објавена на порталот Трибуна.мк, Перев пишува дека бил нападнат од маж на околу 40 години кој заедно со него чекал во редот на касата во маркетот.
Инцидентот се случил во петокот, а полицијата објави дека презема мерки за расчистување на случајот.
„На 21.11.2025 во 21:30 часот во СВР Скопје, В.П. (80) од Скопје пријави дека во 21:05 часот во маркет на подрачјето на Центар во Скопје бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од Министерството за внатрешни работи.


































