Научната и пошироката јавност се фокусира на имињата на добитниците на Нобеловите награди, но истовремено се доделува и една своевидна пародија на Нобеловата награда, наречена Иг Нобел. Имајќи предвид кој ја доделува, таа не е сосема занемарлива. Станува збор за награда што потекнува од некои од најважните американски универзитети, како „Харвард“ и Масачусетскиот институт за технологија.
Основана е во 1991 година, со цел да промовира малку поинакви пристапи во научните истражувања. Или, како што замислиле основачите, им се оддава признание на достигнувањата на кои луѓето прво се смеат, за да почнат потоа да размислуваат за нив. Во тој тон е и името на наградата: Иг е скратено од англиската збор „ignoble“, што значи приближно „недостоен, без чест, плебејски“. Со денешен жаргон би се рекло дека тоа е Нобел за сиромашните. Организатор на доделувањето е научно-хумористичниот магазин „Аналс оф импробабл рисрч“. Тоа дека, и покрај одличната смисла за хумор, не станува збор за шега, покажува тоа што наградите ги доделуваат вистински нобеловци. Заедно со признанието следува и парична награда, банкнота од 10 трилиони зимбабвиски долари, која официјално вреди 40 американски центи, но е вредна како колекционерски предмет.


































