Јазична патрола (2)
- Во новата рубрика „Јазична патрола“, која на страниците на „Колибри“ ќе се објавува еднаш месечно, вредните ученици од мултимедијалниот клуб „К“ од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп ги детектираат јазичните грешки и ни укажуваат како тие да се исправат
Зборовите се скратуваат за да се заштедат простор и време. Колку повеќе е скратен зборот, толку кратенката е поуспешна. Но, при нејзиното создавање мора да се внимава и на разбирливоста.
Принципот на создавање кратенки во македонскиот јазик предвидува кратење на зборовите по согласка, односно пред самогласка. Само кај зборови скратени по првата буква кратењето може да биде по самогласка.
Како се формираат кратенките?
Има два начина на добивање кратенки во македонскиот јазик:
1. Со пишување точка на местото каде што се крати зборот
2. Со пишување цртичка меѓу првата и последната буква или последниот слог.
Исто така треба да се знае дека кратењето на зборовите функционира само при пишувањето. Кога ги читаме, скратените зборови ги читаме цели!
Кратењето на зборовите или како што нам ни е мило да ги нарекуваме кратенките или некој ги нарекува скусенки е нашето второ истражување на терен. Ние, учениците од мултимедијалниот клуб „К“, повторно го обиколивме Прилеп и фотографиравме над шеесет имиња и презимиња на лекари (доктори). Фотографиите беа од општи ординации, стоматолошки ординации, специјалистички ординации: кожни, уролошки, интерни, гинеколошки, оториноларинголошки… Исто така се фотографираа и некролози на кои упокоениот има титула доктор и производи што се направени од лице што ја носи титулата доктор (д-р Митов). Ние бевме и во посета на „Економскиот факултет“, каде што фотографиравме врати од кабинети на професорите, на кои се испишани нивните имиња, презимиња и титули. Од целото истражување, за жал, се заклучи дека прилепчани имаат проблем со кратењето на зборот доктор.
Jазичната патрола се впушти во акција
Од она што го видовме на терен, постојат две варијанти на кратење на зборот доктор:
– д-р (која е онаа правилната, според правописот): се пишува со цртичка меѓу првата и последната буква од доктор;
– др. (која, за жал, е честа појава, но е неточно кратење): ова кратење е погрешно бидејќи не означува доктор, туку означува кратење на зборот „друго“. Ова кратење нема смисла бидејќи буквата „р“ е последна буква од зборот. Точката е показател на кратење. Тогаш, што се крати?!
Од ординациите што ги обиколивме, заклучивме дека од вкупно 60 лекари, погрешно се запишани 26, а точно 34. Иако е поголем бројот на точните кратенки, сепак сметаме дека е огромен бројот на погрешните! Тоа загрижува, особено што овие кратенки се изложени, видливи и голем број луѓе несвесно ги перципираат. Тоа кај нив создава потврда за точност, бидејќи се напишани на јавни места на кои писменоста треба да биде на високо ниво.
Кратенките на вратите на Економскиот факултет беа точно напишани. Кратењето на некролозите, за жал, беше погрешно.
Нашата јазична патрола направи уште едно истражување поттикнато од овие заклучоци. Имено, од каде потекнува точката, на која не ѝ е местото таму?
Претпоставуваме дека најчесто се јавува поради влијанието на српскиот јазик (таму нема точка, но скратувањето е др, нема ни цртичка).
Ангажирање лектори за коригирање на грешките
Ние разговаравме и со неколку сопствениците на ординации и заклучивме дека потеклото на грешките доаѓа од фирмите што ги изработуваат рекламите или паноата, картичките и звањата што се закачуваат на вратите. Затоа во печатниците и фирмите за реклами треба да бидат вработени лектори што ќе ги коригираат грешките.
Исто така забележавме и ситуации во кои на рекламата од ординацијата е правилно кратењето, но на самата врата, на пример некој отпечатен лист хартија на кој стои некоја информација, е напишано со погрешното кратење, што нè упатува кон тоа дека сè помалку се знае јазикот и грешките се повеќе од поново време.
Еден дел од одговорите беа дека повторното печатење на панелот или рекламата е скапо и секако речиси сите мислат дека е точно напишано.
Бидејќи нашиот јазик се разболел, лекарите треба да бидат првите што ќе го излечат! Кратенките со точка променете ги во кратенки со цртичка! Точно е д-р, а не др.
Прилогот го подготвија учениците од мултимедијалниот клуб „К“ при ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп, под менторство на наставничката Јулијана Талеска

































