Фабиен Мандон

НАЧАЛНИКОТ НА ГЕНЕРАЛШТАБОТ НА ФРАНЦИЈА УПАТИ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ИДНИ ВЕРОЈАТНИ ЧОВЕЧКИ И ЕКОНОМСКИ ЗАГУБИ

  • На конгресот на градоначалниците на Франција, Фабиен Мандон, началник на Генералштабот на Франција, нагласи дека Франција и НАТО
    мора да бидат подготвени за конфронтација со Русија до 2030 година. Генерал Мандон ги замоли локалните избрани функционери да ги
    подготват граѓаните за можна конфронтација со Русија или со Кина во наредните години…

Обраќањето на началникот на Генералштабот на Франција, Фабиен Мандон, на конгресот на градоначалниците остави силен впечаток, откако тој даде алармантна процена за влошувањето на меѓународната ситуација и за ризикот за иден конфликт. Генерал Мандон ги замоли локалните избрани функционери „да ги подготват граѓаните за можна конфронтација со Русија или со Кина во наредните години“, споменувајќи ја потребата од вистинска „сила на карактерот“.
Обраќајќи им се на избраните функционери, кои веќе се исцрпени од состојбата обележана со кризи и тензии со државата, генералот изјави дека „моментот е особено тежок“, според информациите објавени од веб-страницата „Мердефранс“. Тој верува дека меѓународната ситуација се „влошува“ и дека глобалната рамнотежа на моќ се менува, помеѓу американското дезангажирање во Европа, подемот на Кина и офанзивната стратегија на Русија.

Иницијатива за почнување со подготовки за национална мобилизација

Генерал Фабиен Мандон предупреди дека Москва „се подготвува да го продолжи оружениот конфликт“ и се стреми кон „конфронтација до 2030 година со нашите земји и членки на НАТО“. Без да прибегнува кон најави за катастрофални сценарија, тој повтори дека „Европејците се многу посилни од Русија“, но под еден услов: тие мора да бидат ментално подготвени.
– Она што ни недостига е сила на духот да прифатиме страдање за да ја одбраниме нацијата – инсистираше тој, отворено зборувајќи за потребата „да прифатиме губење на нашите деца, економски да страдаме“.
Обраќајќи се директно до градоначалниците, кои ги нарекува „најдобра врска“ со населението, генералот ги замоли да отворат дијалог во своите градови за да ја издигнат свеста кај граѓаните и да се подготват за национална мобилизација.
– Ако не сме подготвени за ова, тогаш сме во опасност. Мора да зборувате за тоа во вашите градови – нагласи тој.
Началникот на Генералштабот, исто така, сака да мобилизира повеќе резервисти – потенцијално удвојувајќи го нивниот број – и ги повикува локалните власти да го олеснат распоредувањето на воениот персонал и да обезбедат објекти за обука за армијата. Целта е Франција да биде „подготвена за три или четири години“ и да може да ја демонстрира својата решителност.
– Ако нашите непријатели ја видат нашата сила, ќе бараат на друго место – тврди тој, убеден дека одвраќањето се потпира еднакво на материјалната моќ колку и на духот на отпорност на земјата.


Агенцијата „Дината“ со широка анкета во ЕУ сондира ставови на граѓаните на Унијата

Водечките земји од Западна Европа и нивните жители ја сметаат Русија за закана за ЕУ

Французите ја сметаат Русија за „закана за суверенитетот на земјите од Европската Унија“. Овој процент се зголеми од 72 отсто во септември на 80 отсто во октомври, според анкета објавена во четвртокот вечерта од агенцијата „Дината“. Ова зголемување треба да се разгледа во светлината на упадите на беспилотни летала во европскиот воздушен простор, чие потекло најчесто и априори се припишува на Русија.
– Овие настани само потврдија веќе вкоренета идеја – резимира Антоан Бристиел, коавтор на студијата и директор на Опсерваторијата за мислење во фондацијата „Жан Жорес“.
Но оваа студија не се фокусира само на француското мислење, таа се протега на уште три европски земји: Германија, Италија и Обединетото Кралство. Резултатот, според наметнатата воена психоза, е очигледен: 78,9 отсто од граѓаните во овие земји ја сметаат Русија за „закана за земјите од Европската Унија“. Т.Г.


Наметнувањето воена психоза кај граѓаните на Европа е резултат на кампањите на владите и дел од медиумите во Унијата

„Враќањето на империите“ е слоганот за ширење страв за „претстојна голема конфронтација на Европа“

  • Генералот Пјер Шил и гореспоменатиот француски генерал Фабиен Мандон, во јавноста, со голем степен на очигледна синхронизираност изјавија: „Време е Франција да се подготви за војна“!

За само неколку часа, два од најважните гласа во француската воена хиерархија одржаа говор со ретка сериозност: војната или барем голем „судир“ би можело да ја погоди Европа во рок од неколку години.
За првпат по неколку децении, највисоките француски офицери отворено разговараат за можноста за голема конфронтација во Европа. Нивните зборови – „судир“, „итност“, „враќање на империите“ – означуваат пресвртница во воениот дискурс. И едвај прикриено предупредување.
– Иднината не е напишана – предупредува генералот Пјер Шил. Но, за него, како и за генералот Фабиен Мандон, време е Франција да се подготви за војна. За само неколку часа, два од најважните гласа во француската воена хиерархија одржаа говор со ретка сериозност: војната или барем голем „судир“ би можело да ја погоди Европа во рок од неколку години. Според нив, тоа повеќе не е апстрактна хипотеза, тоа е рок.
Пред членовите на Комитетот за одбрана, генералот Фабиен Мандон даде отворена процена: „Првата цел што им ја дадов на вооружените сили е да бидат подготвени за судир за три или четири години“. Според него, Русија би можела да биде „во искушение да ја продолжи војната на нашиот континент“. Ова предупредување се совпаѓа со она на германските разузнавачки служби, кои сметаат дека директната конфронтација меѓу Москва и НАТО пред 2029 година е веродостојна можност.
Овој невообичаено директен говор одразува стратешка промена: по две децении „периферни војни“, Франција се подготвува за конфликт од големи размери со висок интензитет, веројатно на европско тло. За генералот Мандон, влоговите одат подалеку од едноставното модернизирање на силите: станува збор за психолошко вооружување. „Ако нашите противници сфатат дека имаме решеност да се одбраниме, може да се повлечат. Но ако почувствуваат дека не сме подготвени, не гледам што може да ги запре“.
Претходно, на радиото РТЛ, сличен говор одржа генерал Пјер Шил, началник на Генералштабот на француската армија.
– Заканите се зголемуваат, стануваат поитни, порадикални. Може да се случи недоразбирање и може да започне низа настани… Мора да бидеме подготвени“ – нагласи тој додавајќи, „за да бидеш слободен, мора да се плашиш од некого. А за да се плашиш од него, мора да бидеш силен“. На чело на 110.000 војници, тој командува со армија што, како што кажа, е „кредибилна, приспособена на денешниот конфликт“, но која исто така мора да знае како да се „приспособи на она што доаѓа“.
Овие изјави, без разлика дали се координирани или не, одразуваат фундаментална промена во француската воена комуникација. Долго време ограничена на техничка или институционална улога, војската сега се изјаснува како полноправен стратешки играч, свесна за потребата да се подготви јавното мислење и да се разберат граѓаните и политичките лидери дека самото одвраќање (нуклеарно) повеќе не е доволно. Зголемувањето на буџетот за одбрана – 57,1 милијарди евра проектирани за 2026 година, што претставува 2,2 отсто од БДП – не е само ставка во сметките туку сигнал. Порака упатена еднакво до Москва и до јавноста.
Светот останува многу нестабилен, истакнува генералот Шил, споменувајќи ги и иранската закана и жариштата на кризата во Африка и Блискиот Исток.
– Тоа е враќање на империите: соочен со империја или си вазал или непријател“ – гласи фразата употребена од Шил, која ги враќа Франција и Европа во логика на моќ и конфронтација, спротивно на смирениот дискурс од ерата по Студената војна.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција