Швајцарските глечери во последните две години се стопиле исто колку што се стопиле помеѓу 1960 и 1990 година, под дејство на екстремните временски услови што се влошени од климатските промени. Малкуте снежни врнежи во зима и многу високите температури во лето довеле во 2022 и 2023 година до намалување од 10 проценти на волуменот на глечерите, се наведува во студија на група експерти одговорни за проучување на криосферата во рамките на Швајцарската академија на природни науки.
Нивниот заклучок е јасен – швајцарските глечери се топат сè побрзо и побрзо.
– Ако продолжи со темпото од изминатите години, секоја година ќе биде лоша. Изминативе години видовме толку силни промени во климата што е сосема можно да ја замислиме оваа земја без глечери – рече Матијас Хус, еден од авторите на студијата.
Топењето ги зафати сите алпски земји во кои се наоѓаат околу 1.400 глечери што го напојуваат езерата, реките и потоците. Според меѓувладин панел за климатски промени (ИПЧ) објавен минатата година, топењето на мразот и снегот е една од десетте главни закани предизвикани од глобалното затоплување.


































