КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027
- На гостувањето во Славонски Брод, избраничките на селекторот Ашаданов загубија со 55-83 (17-19, 15-25, 15-19, 8-20) од поискусната селекција на Хрватска и со тоа завршија на четвртото место во првиот квалификациски прозорец (група Ф), со четири бода, колку што има и Данска на третата позиција
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија го забележа вториот пораз во третиот меч во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2027 година, на гостувањето во Славонски Брод, од поискусната селекција на Хрватска (која досега има седум настапи на ЕП), со 55-83.
– Одигравме три натпревари во десет дена и можам да кажам дека сум задоволен и од резултатите и од залагањето на кошаркарките. Кратката ротација најмногу се одрази во третиот дуел со Хрватска, каде што заморот беше јасно видлив кај кошаркарките што го презедоа главниот товар. Голем хендикеп беше и болеста на нашата капитенка Митрашиновиќ, која два дена имаше висока температура и примаше инфузии. Таа настапи благодарение на пожртвуваната работа на медицинскиот тим, кој направи сѐ за да биде барем делумно подготвена. Убеден сум дека доколку вториот меч со Хрватска го игравме дома, ќе имавме и подобар резултат. Искрено се надевам дека во вториот прозорец ќе нѐ заобиколат пехови и дека ќе успееме да стигнеме до нов позитивен резултат – изјави селекторот Александар Ашаданов, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Митрашиновиќ запиша 15 коша и по осум скока и асистенции, 15 поени постигна и центарот Мерит Хемпе, со седум скока и две асистенции, а двоен број на поени (11) постигна и Ивана Кметовска. Кај Хрватките, крилата Ана-Марија Бегиќ и Андријана Цвитковиќ исто така уфрлија по 15 коша. Во вториот дуел од оваа група, Грција на гости ја совлада Данска со 97-83 и заедно со Хрватска има две победи. Квалификациите продолжуваат во март в година, кога Македонија ѝ гостува на Данска. По одигрувањето на групната фаза, двете првопласирани селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните продолжуваат во вториот дел од квалификациите. Засега максимален број победи имаат Израел (група А), Полска (Ц), Австрија (Д), Бугарија (Е) и Србија (Г). Г.И.
Митрашиновиќ е прва асистентка во квалификациите
Најдобрата македонска кошаркарка Анџелика Митрашиновиќ е лидерка на асистентите во првиот дел од квалификациите за Европското првенство во 2027 година, со 29 успешни додавања, односно со просек од 9,7 асистенции по меч, што е најдобар резултат во однос на нејзините конкурентки, како Клара Холм од Шведска, која има 8,5, односно Сигрид Козар од Австрија, која има осум додавања. Митрашиновиќ е прва и на листата на кошаркарки со најголем број одиграни минути, вкупно 113 (просек од 37,8 минути по натпревар). Засега, таа е шеста на листата на најкорисни кошаркарки, со просечни 20,7 индексни поени и е една од неколкуте кошаркарки што остварија по два двојни ефекти (поени и асистенции) на листата на која води Израелката Даниел Рабер со три. Илина Селцова е трета на листата на најдобри реализаторки за три поени, со 58,3 отсто успешност. Г.И.


































