ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (369)

Од историјата на борењето (11)

  • На Игрите на Медитеранот практично се појави онаа втора генерација борачи, која ги замени пеливаните во репрезентацијата. Затоа на крајот од серијалот преку учесниците на МИ всушност ќе бидат споменати сите македонски квалитетни борачи

Според резултатите со кои располагам, а и од oна што го знам од долгогодишното следење на борачите од Македонија, како и од непосредниот ангажман во Федерацијата на Македонија, може да кажам оти Медитеранските игри (МИ) беа најсоодветното место за докажување на квалитетот на борачите. Затоа, нив ќе ги земам како репер, зашто оние што беа со високи дострели и медали од настапите на врвните приредби веќе се споменати во овој серијал за македонското борење. Нормално, некои имиња ќе се повторат, а некои првпат ќе се појават во овој завршен текст. Затоа, со намера да бидат споменати сите што нешто значеа во нашето борење го пишувам овој текст за настапите на МИ, каде што имаа шанса да се борат и оние што не успеваа да ги исполнат нормите за олимпијадите, светските и европските првенства, а, сепак, располагаа со определен квалитет и можеа рамноправно да им се спротивстават на ривалите од другите земји.

Охрабрувачки старт на Медитеранските игри

Првите Медитерански игри, кои беа убава шанса за спортистите од средоземноморските земји да имаат уште еден меѓународен натпревар повеќе, се одржаа во Александрија (Египет) во 1951 година. Вторите беа четири години подоцна и така сѐ до 1967 година, кога на нив првиот настап, во рамките на југословенскиот состав, го имаа и македонските борачи. Честа први да зачекорат на медитеранската спортска сцена ја имаа Борче Димовски и Добре Маринков, кои на овие Игри беа предводени од Љубомир Ивановиќ-Геџа, кој беше тренер со големо искуство и долгогодишен селектор во грчко-римски стил. За радост на македонската спортска јавност, двајцата имаа успешно деби и ги освоија сребрените медали. Пласманот на второто место, не само за нив туку воопшто за македонскиот спорт, беше од огромно значење. Затоа од овие моменти со уште поголем оптимизам се гледаше кон настапите на нашите борачи на идните вакви регионални меѓународни натпревари.

Откако првите наши „медитеранци“ ги исполнија очекувањата, веќе на вторите Игри во 1971 година во Измир, во југословенскиот состав се најдоа дури петмина борачи во слободен стил. Тоа беа подоцнежните големи асови Ристо Дарлев, Сефер Салиовски, Тефик Демири, кој беше единствен од поранешните пеливани, Ацо Јордановски и вторпат Добре Маринков. Интересно е што првите тројца освоија сребрени, а последните двајца бронзени медали. Куриозитет беше што од сите петмина никој не остана без медал. Предводници на овој квалитетен состав беа Ристо Таков и Бојан Рангелов.

На следните игри сите четворица македонски борачи освоија медали. Тогаш Шабан Сејдиу стана најмладиот победник на Игрите со неполни 16 години и практично оттаму го најави својот пробив во светскиот врв. Во Алжир до сребрениот медал дојде и, за жал, покојниот Киро Ристов, кој беше големо име на нашето борење, а бронза освоија Ристо Дарлев и Ацо Јордановски. Овој пат на кормилото на борачкиот состав беше повторно Ристо Таков.

Во Сплит дури четири злата

Доминацијата на Медитеранот, македонските борачи во слободен стил ја потврдија и четири години подоцна кога на Игрите во Сплит, предводени од новиот селектор Насе Насев, кој претходната година го замени Ристо Таков, освоија дури четири златни и два бронзени медала. Со златен медал се закитија Коце Ефремов, Ристо Дарлев, Шабан Сејдиу (вторпат) и Киро Ристов. Мирко Димчевски и Шаип Бајрами беа носители на бронзата.

Ова беше неповторлив успех на македонските борачи на МИ, за кој голема заслуга имаше и сплитската публика, која им даде голема поддршка на борачите, исто како што им даваше на оние што настапија во грчко-римски стил, со кој стил сплиќаните веќе беа запознаени, зашто тој беше од поодамна практикуван во Хрватска. Слободниот стил за нив беше нешто ново, можеби и поинтересно зашто тука имаше поголем репертоар на зафати, па понесени од жестоките борби со громогласно навивање многу им помагаа на борачите. Во секој случај тоа беа незаборавни моменти за македонскиот борачки спорт.

Следните Игри се одржаа по четири години во Казабланка (Мароко). Таму првпат големиот ас Шабан Трстена го освои првиот златен медал, за потоа да триумфира уште двапати, со што настапите на Медитеранот ги заокружи со хет-трик. Во Казабланка сребрени медали освоија Абаз Емини, Зоран Шоров и Аднан Елези.

На последните два настапа, како претставници на Југославија беа освоени вкупно пет медали. Во Латакија (Сирија) во 1987 година, Трстена повторно триумфира, Мирко Димчевски беше втор, а Шабан Сејдиу трет. На Игрите во Атина во 1991 година, кога последен пат настапивме во составот на поранешната држава, Трстена го имаше третиот триумф, а Зоран Шоров вторпат беше втор.

По 22 години Македонија повторно на МИ

Медитеранските игри продолжуваа, а ние како самостојна држава повторно се појавивме на нив дури по 22-годишна пауза. Причина за овој долг прекин за неучеството на МИ беше фактот што сѐ уште не беше дефинирано дали нашата земја, која стана независна и суверена, ќе биде третирана како земја што припаѓа на средоземно-морскиот базен или, пак, нема да биде вклучена во него. Конечно, по исклучително големото залагање на тогашниот претседател на МОК, Васил Тупурковски, нашата држава беше сместена во земјите што имаа право да учествуваат на МИ, па така, од Мерсин (Турција) во 2013 година македонските спортисти продолжија со настапите на овој регионален натпревар. Инаку, и во продолжението на игрите најголеми адути за висок пласман беа борачите. Штипската тројка во состав Дејан Богданов, Дејан Митров и Бобан Данов во Мерсин освои три медали од кои еден сребрен за Богданов и два бронзени за Митров и за Данов. Четвртиот медал, бронзен, го освои скопјанецот Јасин Реџалари. Ова беше голем успех за македонските борачи во повторниот старт, по кој стана јасно оти борачите и понатаму ќе бидат нашите главни адути на МИ.

Во Тарагона (Шпанија) во 2018 година благодарејќи на натурализираните Македонци освоивме три медали. Магомедгаџи Нуров беше прв во својата категорија, а Владимир Егоров беше на второто место. Штипјанецот Дејан Митров го освои бронзениот медал и на тој начин го одржа трендот на освојување медали на штипските борачи на Медитеранските игри.

Нуров и Егоров и на последните игри во Оран (Алжир) освоија повторно медали. Нуров вторпат беше прв, а Егоров, кој претходната година стана и европски првак, во Оран го освои третото место.

Тоа беше билансот на македонските борачи во слободен стил на Медитеранските игри, кои очигледно според квалитетот со кој располагаме многу ни одговараат и носат барем мала ведрина во спортското живеење.

Сега, ни останува да очекуваме да дојдат некои подобри времиња, кога македонските борачи повторно ќе бидат сериозни ривали на сите противници, без оглед дали тие доаѓаат од некоја земја афирмирана во светот на борењето или не. Традицијата покажува оти тука, во овој спорт, со поорганизирана работа и стабилизирање на клубовите, пред сѐ од финансиски аспект, ќе можеме повторно да бидеме силни. Дали ова ќе се оствари или не, зависи пред сѐ од креативноста на луѓето што се вклучени во борењето, но најмногу од општествено-политичките фактори дали тие ќе имаат слух да му помогнат на борењето, зашто навистина ќе биде жалосно ако лесно кренеме раце и не покажеме заинтересираност за спортот што ни донесе голема афирмација. Но за да се оствари тоа, ќе треба прво да се консолидира Борачката федерација, зашто колку што ги следам случувањата и во неа не цутат ружи. Постојано има некои препукувања меѓу борачките „работници“. Ако не престане тоа, не може да очекуваме никаков напредок.