Принтскрин / Н1

Учениците од неколку средни училишта во Нови Сад најавија за утре еднодневен бојкот на наставата за поддршка на Дијана Хрка и Миломир Јаќимовиќ и неговиот малолетен син, кои штрајкуваат со глад.

– Во земја каде што мајка го ризикува својот живот, затоа што ѝ е одземено правото на вистината за убиството на нејзиниот син, а татко и неговиот малолетен син исто така штрајкуваат со глад, затоа што им е одземено правото на слобода на мислење, средношколците храбро и обединето стојат на нивна страна, на страната на правдата – наведоа средношколците во заедничкото обраќање.

Тие додаваат дека со овој чин покажуваат солидарност „со силните луѓе“ и им даваат поддршка.

Градоначалникот на Нови Сад, Жарко Миќин, ги повика родителите да не дозволат нивните деца „да бидат злоупотребени за какви било политички цели“.

Дијана Хрка, мајката на младиот Стефан, кој загина лани во ноември кога се урна бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, штрајкува во Белград пред Парламентот со глад од 2 ноември. Таа бара одговорните за смртта на нејзиниот син и другите 15 жртви да бидат гонети, како и сите уапсени ученици да бидат ослободени и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да распише предвремени избори.

Автопревозникот Миломир Јаќимовиќ и неговиот син Милан (16) од вчера почнаа штрајк со глад на влезот во зградата на Покраинската влада во Нови Сад, барајќи полицијата да им ги врати запленетите автобуси и да ги поништи милионските казни што ги добиле во претходните денови за, како што тврдат, поддршка на студентите. Во изминатата година, автобусите на компанијата „Јаќимовиќ“ превезуваа студенти на протестни собири низ цела Србија.