Фото: ООУ „Ванчо Прке“-Штип

Еден поинаков час по лектира во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип

Книгата „Пипи Долгиот Чорап“ на познатата шведска писателка Астрид Линдгрен, кај нас во Македонија е лектира за петто одделение и со генерации е една од најомилените. Учениците од 5-2 од ООУ „Ванчо Прке“ од Штип, есенва направија многу интересна и креативна обработка на оваа книга.
Имено, група ученици од одделението подготвија драматизација на содржината на книгата, со што ги воодушевија соучениците.
Малите актерски таленти самостојно се вклучиле во подготовката, со избор на костими и реквизити, а најголемата вредност е нивната способност да ја доловат веселата, храбра и необична природа на Пипи – девојчето што ги руши сите стереотипи и го носи духот на слободата и детската фантазија.
– Преку драматизацијата, учениците го продлабочија разбирањето на содржината на делото и беа поттикнати и мотивирани за вклучување во други активности поврзани со лектирното дело. Најсилната порака што сите ја почувствувавме беше дека секое дете може да биде Пипи. Изведбата беше топло прифатена, а интересот за приказната за Пипи Долгиот Чорап сега е уште поголем меѓу учениците – ни раскажа нивната наставничка Весна Ничева.
Дали вие сте ја прочитале оваа книга? Ако не сте го сториле тоа досега, петтоодделенците од „Ванчо Прке“ нека ви бидат мотив што поскоро да го направите тоа. Ќе видите и зошто.

Ф.Д.