„Кога „Ареа“ пред 25 години одржа концертот на Скопски саем, некои од вас можеби не биле ни родени. Таа ноќ се случи најпозитивниот хаос во нашата кариера, но и во нашите животи. По снимањето на вториот албум „Врати на имагинацијата“ нашата популарност многу се зголеми, а речиси секоја песна стана хит. Имаше толку многу гужва пред вратите на салата, што околу две илјади луѓе не успеаја да влезат. За нив одржавме уште еден концерт во Универзална сала. Еве го албумот е пред вас, на плоча. Мислам дека супер ќе си поминеме и вечера, можеби подобро сега, отколку тогаш. Нека оваа ноќ ѝ биде посветена на љубовта и да бидеме сите во една иста фреквенција, фреквенција на љубовта“.
Со овие зборови Ружица Милошеска Брчиоска, „фронтгрл“ на „Ареа“, им се обрати синоќа на околу три илјади посетители кои дојдоа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, да ги чујат во живо хитовите на групата, кои и по четвртина век сѐ уште живеат и се слушаат од повеќе генерации.
Гостиварчаните, кои вчеравечер одржаа час како треба да звучи и да изгледа еден светски концерт кај нас, настапија во подмладен состав, најпрво семејното јадро: Ружица, вокал, таа е автор на текстовите на песните на „Ареа“, нејзиниот сопруг Ивица Брчиоски на гитара, воедно тој е и композитор и аранжер на сите песни, придружен вокал нивната ќерка Елена, клавијатури Горан Брчиоски, на тапани најмладиот член Виктор Анѓелкоски и на бас-гитара Јордан Гаврилоски.
Ружица цели два часа ги држеше конците во свои раце, изгледаше и пееше фантастично, но исто така и цело време комуницираше со публиката. Нејзиниот силен, чист глас, секоја песна ја донесе во манирот на најголемите музички ѕвезди. Всушност синоќа сѐ изгледаше и звучеше светски и не е важно што салата не беше полна…
Како што обично бидува, дојдоа точно тие што требаше да бидат тука. И уште при првите тактови публиката беше на иста фреквенција со „Ареа“, токму како што пеат во песната што ја слушнавме меѓу првите, но и со која го затворија концертот – „Фреквенција на љубовта“.
Уште на почетокот на концертот флуидот беше воспоставен, а одличниот звук и светлосните ефекти, само го зголемија впечатокот.
По почетните поп-рок песни и пеењето со публиката почна патувањето низ 33-годишната музичка кариера на бендот и прозвучија песните од изадените седум албуми.
Звукот цврст, рокерски, музичарите, иако држеа сѐ под конец, уживаа во свирката, бидејеќи, како што изјави Ивица на конференцијата за печат пред концертот, тајната на долговечноста на бендот пред сѐ е во љубовта кон музиката.
– И да немам финасиска поткрепа, повторно би го працвел тоа – вели тој.
Ружица речиси секоја песна ја претставуваше, а како што течеше концертот нејзиниот глас звучеше сѐ подобро и помоќно.
И многу брзо поминаа два часа, во кои често се слушаа аплаузи и скандирање на публиката.
Кога при крајот почна блокот со најголемите хитови на „Ареа“ се создаде вистинска еуфорија. Сите ги пееја. „Одведи ме“, изведена првпат на „Макфест 1999“, „Пријател“, кога Ружица рече навистина е прекрасно да имаш олку многу искрени приајтели, па „Нешто недостасува“…. Но, сѐ се затресе кога се слушнаа првите тактови на вонвременскиот хит „Сите мои слики“.
И овојпат се уверивме дека скопјани ги сакаат своите музички херои, а радоста што се ширеше во салата сите лица ги озари. Во песнаат „Очи англески“ на сцената дојде и миленикот на помладата генерација Јанг Дади, кој заедно со Ружица и бендот ја испеја песната и на бис.
И сосема за крај повторно прозвуче „Фреквенција на љубовта“. Врската со публиката продолжи и по настапот, кога членовите на „Ареа“ им ги потпишуваа купените албуми на своите обожаватели.
Посакуваме ареата на овој супербенд да се прошири во целиот регион, што ќе го освојат со своите хитови „мејд ин“ Македонија!













































