Традиционалната Ноемвриска изложба на Друштвото на ликовните уметници на Битола синоќа беше отворена во изложбениот салон на Кино Манаки во Битола.
На изложбата се претставија 37 уметници со 40 дела, во различни техники
Изложбата ја отвори, претседателката на ДЛУБ, Нела Петровска.
– Со особена чест и радост ви благодарам што вечерва сте дел од оваа изложба. Вашето присуство ја прави оваа вечер посебна и ја потврдува важноста на уметноста. Искрено им благодарам и на ликoвните уметници кои со своите дела ја збогатија оваа изложба. Вашата инспирација, труд и визија ја прават оваа поставка вистински празник за очите и душата – рече Петровска.

Историчарката на уметност Викторија Димеска, која даде сеопфатен осврт кон сите изложени дела, потенцираше дека годинава изложбата се одликува со богат творечки опус во кој доминираат асоцијативна апстракција и фикурацијата, како во сликарството, така и во скулптурата.
– Уметниците повторно ја потврдуваат својата креативна и визуелно-ликовна побуденост преку личната артикулација на бескрајните креативни можности, со кои се претставуваат на современата македонска ликовна сцена – рече Димеска.
Оваа година Ноемвриска награда ѝ беше доделена на Дијана Колонџоска за нејзиниот исклучителен придонес, доследна уметничка посветеност и автентичен израз.

Историчарот на уметност Филип Иванишевиќ, кој го напиша предговорот за каталогот кон изложбата, потенцира дека уметноста е поставување на вистината во дело и да се љуби истата значи да се љубат трагите што ги остава.
– Да се доживее истата (уметноста), значи да се живее надвор од потребата за докази. Секоја уметничка изложба е пркос на инертноста преку населување на просторот и со тоа надминување на неговата геометрија. Ноемвриската изложба уште еднаш нè потсетува дека имагинацијата не е способност да се создаваат слики од реалноста, туку слики кои ја надминуваат реалноста – пишува Иванишевиќ.

Друштвото на ликовите уметници на Битола, оформено е пред 51 година и има одиграно важна улога за развување и афирмација на ликовната уметност во Битола органзирирајќи групни и самостојни изложби архивирајќи ликовни настани, реализираји ликовни колонии и едукативни активности како и негувајќи регионална и меѓународна соработка, а со тоа и афирмирајќи на Македонија во и вон нејзините граници.
ДЛУБ во моментов има педесет активни членови, а во работата се вклучени и пет волонтери.
Ф.Д.


































