Доколку се земат предвид сегашното претседавање на Австрија и нејзините претходно најавени приоритети, од кои едниот беше доближување на Западен Балкан до ЕУ, а пред тоа и на Бугарија дека Софија ќе инсистира на повеќе инфраструктурни и енергетски проекти со намера земјите од Западен Балкан да бидат поблиску до Европската Унија, може да се забележи дека преовладува една иста реторика во очекувањата на претседавачите, но не и во резултатите на терен
Дали оддалеченоста на Балканот од ЕУ и обратно зависи од тоа која земја во моментот претседава со Унијата? Оваа дилема на земјите-аспиранти за членство во ЕУ од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, се наметнува на секои шест месеци, пред секое редовно ротирање на земјата-претседавач со Унијата. Две недели пред преземањето на претседателството со ЕУ, од Романија пристигнуваат пораки, речиси идентични со безброј пати слушнатите, дека Владата во Букурешт ќе биде гласен поддржувач на политиката на приближување на регионот кон ЕУ во наредните шест месеци. Доколку се земат предвид сегашното претседавање на Австрија и нејзиниот претходно најавен приоритет за справување на миграцијата, но и за доближување на Западен Балкан до ЕУ, а пред тоа и на Бугарија дека Софија ќе инсистира на повеќе инфраструктурни и енергетски проекти со намера земјите од Западен Балкан да бидат поблиску до Европската Унија, може да се забележи дека преовладува една иста реторика во очекувањата на претседавачите, но не и во резултатите на терен.
Се добива впечаток дека и покрај залагањата за напредокот на земјите од Балканот во пристапниот процес, оваа ситуација веќе со години упорно опстојува на европската „театрална“ сцена за сметка на земјите-аспиранти. Наместо да им се олесни патот за зачленување, постојано им се наметнуваат нови услови и блокади во различна форма, видливи и невидливи, економски, социјални, формалноправни, културолошки, па дури и психолошки, дополнително комплицирајќи ја и така конфузната политика на Унијата кон регионот. Македонија направи сериозни чекори во однос на решавањето на, за нас, круцијалниот проблем за влез во ЕУ, но земјава сѐ уште нема добиено датум за почеток за пристапните преговори иако таа е земја-кандидат за Унијата уште од 2005 година. Размислувањата во домашната јавност се поделени, особено по интензивирањето на уставните измени што произлегуваат од спогодбата со Грција што, пак, е единствен услов за наше членство во ЕУ.
– Мислам дека сепак се чини дека кај нас постои генерален проблем со препознавањето на нијансите, некако одиме од крајност во крајност. Додека до пред 7-8 години Европа беше магичното стапче за сите проблеми, денес ја обвинуваме за двојни стандарди, така што фактот што сѐ уште не постои релевантна политичка сила што јасно и гласно би го проблематизирала консензусот што постои за пристапувањето, за припадноста на државата во Европа, за нас сè повеќе е изненадување, отколку успех – вели политикологот Димитар Димов.
Тој дообјаснува дека Македонија нема алтернатива, освен ЕУ. Сепак, Димов додава дека за растот на евроскептицизмот во земјава во последниве неколку години биле виновни политичарите, но и односот на ЕУ кон Македонија.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека резултатите за некакво членство на земјите-аспиранти ќе бидат реални за повеќе од една деценија. Според него, претседавачите со Унијата немаат речиси никаква улога во процесот на проширување за кои тие константо го најавуваат како приоритет пред преземање на улогата во Брисел.
– Постојано се повторува, кога земјите од регионот претседаваат во Брисел дека главен приоритет ќе биде проширувањето. Така е бидејќи знаат дека тоа убаво звучи за нас и за нашите соседи. Меѓутоа мораме да бидеме свесни дека нивната улога во проширувањето е маргинална, а такво им е и влијанието, бидејќи се знае кој решава околу тоа. За нас е клучно дека уште долго Унијата нема да се проширува, дека веројатен исклучок ќе биде само Црна Гора, а за сите други членството е недостижно до 2030, 2031, 2032 година… Тоа во никој случај не смее да нѐ обесхрабрува бидејќи сите реформи ги правиме за нас и мора упорно да се работи на нив – заклучува Никовски.
Сепак, благодарност до австриското претседателство за досегашната поддршка и ангажманот, но и за очекувањата од романското претседавање изрази завчера министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, по работниот ручек и средба со претседателот на Европскиот совет и со амбасадорите на земјите-членки при ЕУ. Димитров на својот фејсбук-профил напиша дека ни претстои година во која ќе имаме шанса да го зацврстиме и да го крунисаме успехот со Унијата.
– Македонија во 2018 година е добра вест. Во новата 2019-та, имаме заедничка шанса да го зацврстиме и крунисаме успехот со почеток на пристапни преговори со Унијата. Пристапниот процес е реформска алатка, што мораме да ја искористиме за да си ја средиме државата. Лавовскиот дел од работата, од влогот во нашата иднина, е во наши раце. Благодарност до австриското претседателство за поддршката и ангажманот – напиша Димитров на својот фејсбук-профил.