Фото: Пиксабеј

Во Основниот суд во Струга денеска беше одложено судското рочиште на кое требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето за случајот со родилката Јилдз Веапоска од Дебар, поради оправдано отсуство на бранителот на првообвинетиот лекар.

На претходното рочиште, одржано во септември, тој бараше изземање на судечкиот судија, и на претседателите на Судот во Струга и Апелација во Битола, па предметот беше разгледуван во Врховниот суд во Скопје. По одлуката да биде предметот да биде вратен во Судот во Струга, рочиштето беше закажано за вчера, но и тогаш бранителот Игор Петковски, најавил отсуство поради судење за притворски предмети.

Судечкиот судија Јордан Јованов следното рочиште го закажа за в понеделник, посочувајќи дека неможе да преземе никакви мерки бидејќи лицата се оправдано отсутни, но најави дека доколку има причина за одлагање ќе го закажува секој нареден ден.

– Мерки може да се преземаат доколку лицата кои што се уредно повикани неоправдано не дошле на расправата. Во конкретниот случај бранителот има приложено доказ дека е повикан на притворски предмет пред Основниот суд во Битола, што значи дека го оправдал изостанокот. Така што неможе да биде преземена никаква присилна мерка.  Меѓутоа, овдека е загржувачки тоа што цело време во барањата се потенцира дека другите предмети се приоритетни, дека се итни и се бара одлагања, а се заборава дека и овој предмет исто така е итен, бидејќи прети опасност од застареност. Токму поради тоа е донесена одлука цело време расправата да се одложува за секој нареден работен ден, како што е и предвидено во законот – изјави Јованов.

На тој начин, нагласи, нема да се дозволи да застари делото, бидејќи ќе го закажува секој нареден ден.

– Нема повеќе одлагање ниту во недели, во месеци, туку во денови и кога тогаш, јас се надевам дека конечно ќе го окончиме. Доколку не дојде во понеделник наредното закажување ќе биде за вторник, среда и понатаму се до крајот на расправата – посочи Јованов.

Бранителот на оштетената, адвокатот Сашо Јанев вели дека на судот му се врзани рацете и неможе да презема дејствија бидејќи согласно законот оправдано отсуство е дозволено.

– Ова нешто кажува друго, ова не е адвокатски начин на одбрана ова е само показател дека обвинетиот е навистина виновен за делото за кое се товари и нивниот единствен излез е застарување на делото. Добивме уверување од судот, а јас искрено верувам во тоа дека нема да дозволат да застари и дека се мора да биде согласно законот. И само на тој начин можеме да очекувам да ја вратиме довербата на судството, ако се постапува согласно законот – рече Јанев.

Веапоска пак најави ако продолжи одлагањето на рочиштата ќе оргнизира протести пред Судот во Струга секој ден од 8 до 16 часот.

– Ако нема одлука до крајот на овој месец, ако не продолжи судењето и ако вака се одлагаат сите рочишта ќе морам да закажам протест пред судот, кој ќе трае секој ден од 8 до 16 часот се додека не заврши судењето и се додека не се донесе пресудата во овој суд. Поддршка очекувам од целиот наш народ, од Дебар, од моите сограѓани и од цела Македонија, а не од институциите затоа што пет години талкам по овие врати и правдата неможам да си ја добијам со сите докази со вештачење, супер вештачење. Да застари ова дело е срамно и за нашата држава и за судот и за сите нас – изјави Веапоска.

Судскиот процес со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која по породувањето со царски рез, во Болницата во Струга и беа отстранети три органи, бубрег, матка и јајник,  се води против тројца лекари гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска. Судењето три пати почнуваше од почеток поради менување на судечките судии, а делото застарува во август 2026 година.