Дваесет и пет години по големиот концерт на групата „Ареа“ што се одржа на 10 декември 2000 година во Салата 5 на Скопски саем, објект што веќе, за жал, не постои, членовите на популарниот бенд утревечер, 8 ноември, повторно ќе имаат средба со бројната публика, овојпат во СЦ „Јане Сандански“, во скопски Аеродром.
По повод настанот издадена е и плоча од култниот албум на бендот „Врати на имагинацијата“, а како што беше кажано на вчерашната прес конференција во Скопје, првпат ќе бидат изведени сите песни од овој носач на звук, со освежени аражмани, секако заедно со останатите хитови на групата која на македонската музичка сцена опстојува веќе триесетина години.
– Албумот „Врати на имагинација“, издаден пред точно 25 години, претставува музичко богатство во кое буквално секоја песна стана хит. Од „Сите мои слики“, „Пријател“ и „Одведи ме“, до „Биди мој“ – тоа се песни што ја дефинираа младоста на многу генерации и сè уште имаат свежа енергија и порака – беше кажано на прес-конференцијата.
Песната „Сите мои слики“, е еден од најголемите македонски хитови, а гостиварскиот бенд, една од најактивните македонски групи, која и денес има триесетина настапи годишно. Ја слуша поублика од повеќе генерации, која заедно со нив ги пее нивните песни, а се надеваме така ќе биде и утревечер.
На прашањето која е нивната формула за долговечност, тие рекоа дека, едноставно, тоа е љубовта кон музиката и секако поддршката од обожавателите сите овие години.
Инаку, концертот што се одржа пред четврт век, освен музички, предизвика и вистински хаос пред Скопски саем, поради огромниот интерес, па мораше да интервенира и полицијата, но за среќа и покрај малите инциденти, немаше посериозни последици.
Ружица и Ивица Брчиоски на вчерашната средба со новинарите изјавија дека токму овој настан, тие го паметат како „најпозитивниот хаос “ во нивната кариера.
Инаку, групата е подмладена со неколкумина нови членови, а публиката утревечер ќе може и да ја купи плочата „Врати на имагинацијата“, потпишана од членовите на „Ареа“.
Гостин на концертот ќе биде Јанг Дади, омилен кај помладата публика, со кого е снимена и новата верзија на нивниот хит „Очи ангелски“. М.Т.




































