Фото: Горан Анастасовски

Првата приватна општа болница „Ре-медика“ отвори Центар за доење, кој ќе функционира во состав на Одделот за неонатологија и педијатрија. Новиот центар нуди индивидуални прегледи и консултации за секој пар мајка-дете. Стручниот тим на „Ре-медика“ во Центарот ќе прави комплетна педијатриска процена на новороденото дете, процена на млечноста кај мајката и ефикасноста на доењето преку користење СКОР за доење (стандарден систем за процена на ефикасноста на доењето). Ќе се проценуваат и сите поволни и неповолни фактори што влијаат на доењето кај секој пар поединечно.
– Во текот на консултациите ќе одговориме на дилемите што, нормално, се јавуваат кај мајките, како: дали имам доволно млеко, дали да го будам ноќе за доење, колку долго треба да цица, во која позиција е најдобро да дојам, дали треба дохрана или не, дали треба да се измолзувам… За нив навистина треба соодветна и стручна помош, теоретска и практична – вели прим. д-р Марина Поп Лазарова, педијатар-неонатолог во „Ре-медика“.
Отворањето на новиот Центар за доење во „Ре-медика“, како што објаснува докторката, од една страна е резултат на долгогодишното искуство на педијатрискиот тим, а од друга страна се појави како потреба за згрижување на новородените деца и давање стручна помош на новопородените мајки.
– Овој период на заемна адаптација по породувањето, особено во првите четири до шест недели, е навистина многу комплексен и сензитивен. Тогаш мајките треба да научат како правилно и успешно да дојат, а децата како ефикасно да цицаат, што навистина не е едноставно и претставува цел процес. Притоа, важно е да се потенцира дека секој пар мајка-дете е посебен и уникатен, секој со свои специфичности, и затоа е потребна соодветна стручна помош – објаснува д-р Поп Лазарова.
Токму тоа е улогата на Центарот за доење, во кој, во пријатна и релаксирана атмосфера мајките ќе добијат теоретски и практични информации, совети и помош. Притоа ќе се користат и едукативни видеа, различни корисни додатоци, со кои се овозможува успешно и ефикасно доење.


– Би сакала да ја напоменам соработката со светската компанија „Медела“ (Medela), која е посветена на доењето и мајчиното млеко и со своите професионални производи многу придонесува да се надминат голем број адаптациски проблеми. Компанијата „Хип“ (HIPP), со претставништвото во Скопје, исто така беше поддршка во овој проект со своите производи наменети за мајките доилки и нивните деца – вели д-р Поп Лазарова.
За повеќе информации и за закажување, пациентите може да се јават на телефонските броеви: 072 443 210 и 02 2603 110.
– Се надеваме дека со овој Центар за доење ќе успееме да им помогнеме на мајките доилки да воспостават успешно доење и рано да ги надминат сите проблеми што се јавуваат во овој период на приспособување, вообичаено во првите четири-шест недели по породувањето. Доењето и мајчиното млеко, да потсетиме, имаат голем број докажани придобивки за здравјето, правилниот раст и развој на децата, а позитивно дејствуваат и на здравјето на самите мајки доилки. Токму затоа, навистина е многу важно во овој период да им се даде соодветна подршка за започнување (почетокот секако е во породилиштето) и понатамошно успешно и ефикасно воспоставување на процесот на доење, во што овој Центар со својот интегрален и холистички пристап може да им биде од помош на новите мајки – додава д-р Поп Лазарова. Н.М.

Прим. д-р Марина Поп Лазарова

Фото: Горан Анастасовски