ШАХ – ЕП ЗА МЛАДИНЦИ

Осум победи на македонските претставници во седмото коло

Илијана Велева (1.560 рејтинг-поени) во возрасната категорија до 12 години и Ахмет Селим Абдурахман (1.771) до 10 години имаат најмногу освоени поени, по четири, од вкупно 22-та македонски претставници (14 шахисти и осум шахистки) на Европското првенство (ЕП) за младинци (до осум, 10, 12, 14, 16 и до 18 години) во Будва (Црна Гора). Во седмото коло, покрај нив двајца, цел поен освоија и Софија Беловска (до 10 години), Марко Стојановиќ (до 12 години), Теодора Ѓеорѓиеска, Кирил Николовски и Никола Радоњанин (сите до 16 години) и ЖФМ Моника Жежовска (до 18 години). Половина поен освоија Наде Смилевска, Даниел Стефановски, Никола Петровски (сите до 14 год.) и Мајкл Брнс (до 16 год.), а загубија 10 македонски шахисти. По 3,5 поени имаат вкупно девет македонски преставници, тројца имаат по три, а четворица по два и по 2,5 поена. Поединечно, засега највисоко котираат Велева на 34-то место со четири и ЖФМ Жежовска на 37-то место со 3,5 поени. На ЕП 2025 играат вкупно 1.169 учесници (14 ИМ, две ЖИМ, 89 ФМ, 35 ЖФМ) од 48 држави. Г.И.


Денеска почнува третиот турнир на ветеранскиот шаховски фестивал во Скопје

По повод двата големи празника на Македонија, 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, и 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, ШКВ Скопје 72 продолжува со организацијата на ветеранскиот шаховски фестивал наречен „Незаборав за хероите 1941-1944“. Фестивалот се состои од три турнири, а победниците се стекнуваат со титулата шаховски првак на Скопје за ветеранска категорија (не помлади од 60 години). Денеска од 11 часот почнува третиот турнир со класично темпо (90 минути, плус 30 секунди по секој потег), во седум кола, во просториите на ШК Алкалоид. Партиите ќе се играат секој ден од 11 часот, а главен судија е Вахид Исмаили. До вчера беа пријавени 24 шахисти од кои четворица со титулата ФИДЕ-мајстори (ФМ). Прворангиран е ФМ Јани Богоевски (рејтинг 2.144). Наградниот фонд е 40.000 денари, поделен на пет дела, а победникот ќе добие 12.000. На првиот турнир, во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди), победи ФМ Александар Кралевски, а на вториот, во брз шах (пет минути, плус три секунди), славеше Јосип Димитровски. Г.И.