Фото: Министерство за правда

Граѓаните денес бараат правосудство што е ефикасно, непристрасно и достапно. Бараат судски одлуки што доаѓаат на време, обвиненија што се темелат на факти и докази, а не на претпоставки, институции што работат за јавниот интерес, а не за поединци, порача денеска министерот за правда Игор Филков на одбележувањето на 90-тата средба на правниците, организирана од Македонското здружение на правници.

Во обраќањето пред правни експерти, професори, судии, обвинители, адвокати и млади правници, Филков нагласи дека граѓаните очекуваат ефикасно, непристрасно и достапно правосудство, со судски одлуки донесени навреме и обвиненија засновани на факти и докази.

-Како Министерство за правда, сме целосно посветени на остварување на овие очекувања. Затоа ги започнавме реформите во судството, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и Јавното обвинителство. Во континуитет ги усогласуваме законите со европските стандарди и препораките на Венецијанската комисија, ГРЕКО и Европската комисија – истакна Филков.

Тој потенцираше дека реформите не се само закони, туку и луѓе, додавајќи дека законот може да биде одличен, но ако нема интегритет, знаење и одговорност кај оние што го применуваат, тој останува само буква на хартија.

Министерот ја истакна и улогата на младите правници, нарекувајќи ги „сегашноста што доаѓа“, и повика на нивно активно вклучување во правосудниот систем.

-Наша должност е да им дадеме знаење, алатки и пример за чесност, професионализам и служба на правдата – нагласи Филков, повикувајќи на отворена дискусија за предизвиците на дигиталната ера, вклучително и заштитата на човековите права и примената на вештачката интелигенција во правосудството.