Фото: МОН

Остануваат уште неколку чекори до усвојувањето на конечната Стратегија за образование 2026-2032, која пет месеци е во процес на креирање, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на втората работилница за изработка на новиот документ, на која учествуваа претставници од институции и од домашни и меѓународни партнерски организации – УНИЦЕФ, ГИЗ, УНДП и Светска банка.

Стратегијата за насоката на македонското образование во наредните шест години, посочи Јаневска, треба да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни трендови и стандарди, да донесе подобар квалитет во високото и во средното стручно образование, поголема инклузивност, едносменска настава, дигиталната писменост, грижата за менталното и физичкото здравје на младите итн.

Во воведното обраќање на работилницата таа нагласи дека „Владата останува фокусирана на сите промени што мора да се случат до конечната цел, затоа што алтернатива за нас не постои“.

– Образованието е скапа работа. Но, вредноста на квалитетот е поголема од која било цена. Започнавме реформски процеси во сите образовни сегменти, одеднаш и паралелно, бидејќи застојот беше очигледен. Тоа ни го потврдуваат ПИСА и ТИМСС, ни го потврдува Шангајската ранг-листа, извештаите на Европската комисија и други релевантни анализи. Веќе година и половина, со силен ентузијазам, спроведуваме програмски определби кои ги даваат првите резултати. Но, за целосна ефективност мора да постои континуитет. Тој континуитет ќе го обезбедиме со новата Стратегија за образование со важност за периодот од 2026 до 2032 година – истакна Јаневска.

Во изминатите месеци откако е почнато креирањето на стратегијата слушала, рече, сугестии, предлози и решенија на актуелни предизвици. Укажа и дека по усвојувањето на документот „ќе следува потешкиот дел – достоинствено почитување на пишаното, односно имплементација и мерење на постигнувањата“.

-За нешто попуштав, некаде не отстапував од личните убедувања и визијата што ја имав кога почнав да раководам со ресорот… Останува конечно да ја привршиме стратегијата, да ја донесеме до крајот на годината и од следната година да почнеме со забрзана, тешка работа за која резултатте треба да ги очекуваме на среден рок- изјави министерката.

На отворањето на работилница се обратија и претставниците на меѓународните партнерски организации. Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, посочи дека новата стратегија е можност да се обликува она што е следно, „но не само како еден убав документ, туку и во училниците, заедниците и во животот на децата“.

-Премногу ученици го напуштаат училиштето без основните компетенции што им се потребни за да успеат. Немаат вештини во математика, способност да читаат, анализираат и да го разбираат материјалот – тие се основните темели за доживотно учење. Без овие вештини децата се мачат и немаат напредок. Стратегијата за образование треба да биде смела и да гледа кон иднината, да ги применува новите технологии и вештачката интелигенција, но мора да се даде приоритет на основното учење. Не смееме да изгубиме од вид и дека децата што се обесправени поради сиромаштија, попреченост, етничка припадност и натаму се соочуваат со пречки во учењето и за нив е потребна насочена активност, да имаме јасни и мерливи цели, тоа треба да биде клучна компонента на која било стратегија. Ова значи одредување на цели кои се амбициозни, но остварливи. Да се утврди отчетност и системи за мерење на напредокот – истакна Милер.

Како што рече, Северна Македонија направи исклучителен напредок во изминатите неколку години и има јасни стандарди за учење и оценување, се развиваат нови наставни планови и програми и рамка за континуиран професионален развој.

-Меѓутоа, треба да бидеме доследни во спроведувањето, да имаме редовен мониторинг и осигурување на квалитетот. Во оваа смисла ја поздравуваме посветеноста на министерката да се обезбеди континуитет во иднина зашто  оваа стртаегија е многу важна за таа цел, без оглед која влада ќе биде на власт. Важно е да продолжиме со напредок за да го подобриме квалитетот на образованието – порача претставничката на УНИЦЕФ.

И директорот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) Давид Оберхубер укажа дека е многу важно стратегијата што ќе се усвои да биде применета и да не биде документ што ќе заврши во фиока.

-Сега сакаме да биде поинаку и гледам дека е поинаку – и од посветеноста на министерката, од тоа како се одвиваше самиот процес и од желбата на сите партнери, и затоа сме вклучени. Треба да се земат предвид мислењата на различни засегнати страни, на тој начин се создава долгорочен кредибилитет за стратегијата. И кога ќе дојде нова влада и ќе ја преземе стратегијата, можеби малку ќе ја преобликува, но основите ќе треба да останат исти – рече Оберхубер.

Додаде дека 2032-ра е долг период во кој ќе има инвестиции за остварување на целите од документот. Притоа кажа дека како претставник на Германија, стручното образование за нив е меѓу најважните области и оти германската KFW банка и Германската стопанска комора „беа големи донатори за развој на стручното образование во државата“.

Ана Чернишова, заменик на постојан претставник на УНДП, рече дека стратегијата не е само политички документ туку „јасен патоказ за тоа како образованието треба да доведе до напредок и до остварување на милениумската развојна цел бр. 4“.

-За да се постигне таа цел, потребно е образовниот систем да се усогласи со барањата на  21 век во кој ChatGPT го менува светот. Потребни се нови професии за кои треба да размислуваме при изготвување на стратегијата зашто целиот образовен систем треба да го опслужува пазарот на трудот, а не обратно. Треба да се има предвид визијата за иднината – дигиталната транформција, вештачката интелигенција и зелената транзиција ќе претставуваат водечки сили во секое општество во светот – посочи Чернишова.

Бојана Нацева, претставничката на Светска банка, исто така укажа на потребата да се одговори на барањата на новото време и да се креираат продуктивни работни места за кои се смета дека најмногу ќе доведат до намалување на сиромаштијата и ќе го зголемат просперитетот на луѓето.

-Никој од нас овде не ја гледа стратегијата за образование како технички документ, туку таа е рамка што ќе ја постави насоката во која сакаме да се движи нашето образование во следната деценија. За мене она што ја прави значајна и посебна оваа стреатегија е нејзината сеопфатност и начинот на кој се изработува – низ длабоко партиципативен процес,  со активно учество на сите засегнати страни, а само со таков пристап може да создадеме стратегија која е реална, применлива и заснована на потребите на самата заедница – истакна Нацева.